Германија ги продолжи граничните контроли со Полска, Чешка и Швајцарија

Германија ги воведе повторно граничните контроли со трите земји на 16 октомври годинава, а за нивното продолжување мора да ја извести Европската комисија во Брисел

Foto: Patrick Pleul/dpa

Германија го продолжи времетраењето на привремените гранични контроли со Полска, Чешка и Швајцарија до 15 декември, информираше германското Министерство за внатрешни работи, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Иако сите нејзини соседи се дел од Шенген зоната за слободно движење на граѓаните и вообичаено досега Германија немаше гранични контроли за проверка на документите на било која од границите, оваа мерка беше повторно воведена на источните и јужните граници за да биде спречена нелегалната миграција.

Инаку, Германија ги воведе повторно граничните контроли со трите земји на 16 октомври годинава, а за нивното продолжување мора да ја извести Европската комисија во Брисел.

Слични контроли беа воведени на германско-австриската граница под ознаката на привремена мерка од 2015 година.

Како последица на привремените гранични контроли, од 16 октомври се откриени 3.300 нелегални влегувања на границата со Полска, при што 1.100 од нив биле спречени.

Сепак, германските власти информираат дека ако некое лицe јасно им назначи на службените лица дека сака да аплицира за азил, тогаш на овие лица им е дозволено да влезат во Германија.

Германската полиција вели дека целта на мерката е да се спречи напливот на шверц на мигранти преку границата.