ФЗОРСМ: Сè почеста е злоупотребата на донации за лекување во странство

Фото: Artur Tumasjan on Unsplash

Фондот за здравствено осигурување реагира поради, како што велат, сè почестата злоупотреба од граѓани кои собираат донации за лекување во странство.

„Во последно време има наплив на барања кои кружат на социјалните мрежи со молба граѓаните да се солидаризираат и да помогнат со уплата на телефонските броеви за донација или директно на сметка во банка“, велат од ФЗОРСМ појаснувајќи дека станува збор за собирање на донации за случаи каде што воопшто не било поднесено конзилијарно мислење, односно не било побарано лекување на товар на Фондот.

Отатму додаваат дека често се случува да се злоупотреби ФЗО и во барањата за донации да пишува дека Фондот не ги одобрува средствата иако пациентот воопшто не поднел документи во ФЗО и не побарал лекување во странство преку Фондот.

„Со ова, не само што се злоупотребува институцијата, Фонд за здравствено осигурување, туку се манипулира и со граѓаните“, нагласуваат од Фондот.

Велат дека се запознаени со повеќе вакви случаи на собирање финансиски средства од граѓаните.

„Еден од низата е случајот каде што се бараат 16.500 евра за итна операција на 13 годишно девојче на Институтот за ортопедија во Бањица“, посочуваат од ФЗО.

Под објавената фотографија од девојчето која се споделува на социјалните мрежи со зелени крупни букви пишува „УРГЕНТНО“, а потоа и дека Фондот не ја поддржува оваа операција.

За конкретниот случај од ФЗОРСМ велат воопшто нема поднесено барање за лекување во странство.

Оттаму појаснуваат дека го контактирале родителот, а тој објаснил дека не му е потребно лекување преку ФЗО, туку се решил да собира донации за операција во Бањица и објаснл зошто се одлучил на ваков чекор. Според Фондот, било евидентно дека не бил запознаен со деталите од постапката.

Од Фондот ја објаснуваат постапката за упатување на лекување во странство која се поведува по барање на осигуреното лице.

Кон барањето осигуреното лице поднесува:

  • предлог за упатување на лекување во странство од соодветната универзитетска клиника во Скопје;
  • потребна медицинска и друга документација за текот на лекувањето во здравствените установи во Р. Македонија.

Согласно член 4 став 1 од Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство, предлогот за упатување на лекување во странство го дава клиничкиот конзилиум од најмалку тројца лекари субспецијалисти/специјалисти и директорот на соодветната универзитетска клиника во Скопје и важи шест месеци од денот на издавањето.

Понатаму предметот со целокупната документација се разгледува од страна на лекарските комисии, при што по донесување на оценка и мислење се носи соодветен управен акт од страна на Фондот.

„Укажуваме, да не се пишуваат дезинформации во барањата кои се споделуваат на социјалните мрежи и да не се злоупотребува ФЗОРСМ во случаите каде воопшто не било побарано лекување преку Фондот бидејќи на ваков начин се руши угледот на институцијата, се создава погрешна перцепција во јавноста, а се манипулираат и граѓаните“, велат од Фондот.