Флекенштајн: Промените треба да доаѓаат од граѓаните и од граѓанскиот сектор

СДСМ може да понуди политики што ќе ја однесат земјава во вистински правец и доколку Заев успее да издејствува да се имплементира Договорот од Пржино од 2 јуни и од 15 јули, социјалистите и демократите во Европскиот парламент целосно би го поддржале во неговата кампања и сакаат да го видат како премиер на оваа држава. Ова го рече потпретседателот на групата на социјалисти и на демократи во Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн, на вечерашната дебата во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, објави „Плусинфо“.

– Неспорно е дека функционалната демократија во земјата е загрозена и доколку Македонија има амбиција да остане на европскиот пат, потребно е да има слободни и фер избори, независни медиуми и независно цивилно општество – рече Флекенштајн.

На дебатата што ја организираше Фондацијата „Фридрих Еберт“ во соработка со Институтот „Прогрес“, учествуваа и Џани Питела, претседател на групата на социјалисти и на демократи во Европскиот парламент, како и европратеникот Ричард Ховит, доскорешен известувач за Македонија во ЕП.

Ховит порача дека новата влада ќе мора да покаже огромна одговорност и да ги исполни очекувањата, оти во спротивно ќе мора да си замине.

– Многу е битно владата да биде отчетна и одговорна во своите постапки. Не значи дека ако ги добиете изборите, понатаму не сте одговорни за ништо. Доколку ги изневерите очекувањата, должни сте да си заминете – порача европратеникот.

Флекенштајн порача и дека голема одговорност за демократскиот амбиент во земјата имаат граѓаните и граѓанскиот сектор и дека тие треба да бидат поактивни наместо да чекаат промените да доаѓаат „од горе“.

– Најбитно е промените да тргнат од дното, од граѓаните, од граѓанскиот сектор, да не се чека крупна промена од горе, од политичарите. Не им верувајте на политичарите – порача тој.