Фејсбук ќе ги известува корисниците за отстранети објави со дезинформации за ковид-19

Фото: Kon Karampelas на Unsplash

Фејсбук и натаму ја продолжува борбата против дезинформациите. Отсега социјалната мрежа ќе им испраќа известувања на корисниците на кои им се допаѓаат, споделуваат или коментираат на отстранети објави со дезинформации за ковид-19.

Ако Фејсбук корисникот коментирал, ја споделил или му се допаднала објава што подоцна е отстранета, Фејсбук ќе испраќа известување до корисникот со кое ќе му укаже дека објавата е отстранета. Ако корисникот кликне на известувањето, на екранот ќе се појави слика од објавата и кратко објаснување зошто таа е отстранета. Освен ова, на корисникот ќе му бидат посочени и линкови до образовни ресурси и активности за ковид-19.

Иако теориите на заговор за вакцините за корона вирусот се ширеа со месеци, Фејсбук започна да ги отстранува дезинформациите за вакцините овој месец.