Лицата над 70 години до возачка дозвола само со лекарско уверение, предлага ЕУ

На заедничкиот состанок на министрите за сообраќај на земјите-членки на ЕУ вчера се најде и спорниот предлог за лицата постари од 70 години да можат да си ја продолжат возачката дозвола само со извршен лекарски преглед

Фото: Julian Stratenschulte/dpa

Сообраќајните несреќи во ЕУ доведуваат до смрт на околу 20.000 лица, а бриселските власти сакаат ова да го променат, меѓу останатото, и со нова регулатива за сообраќајните дозволи, пишува германската новинска агенција ДПА.

На заедничкиот состанок на министрите за сообраќај на земјите-членки на ЕУ вчера се најде и спорниот предлог за лицата постари од 70 години да можат да си ја продолжат возачката дозвола само со извршен лекарски преглед.

Министрите ја утврдуваа позицијата за преговори со Европскиот парламент, кој пак ги усвојува законите во ЕУ.

Промената на прописите ја предложи Европската комисија. Идејата за било какво ограничување на правата за возачка дозвола не е неочекувано, но во Германија предизвика жестока расправа.

Германците сепак треба да бидат смирени, бидејќи засега нема шанси за ваков новитет. Министерот за сообраќај Фолкер ВФисинг веќе силно ја отфрли идејата за задолжителен преглед за старите возачи.

Исто така, Европската комисија на земјите-членки им остави широк простор за самостојно регулирање на ова прашање, што дополнително ги затемнува изгледите дека суштински нешто ќе се промени.

Па така, некои земји – Ирска, Луксембург и Холандија веќе им наметнуваат лекарски преглед на постарите возачи за продолжување на дозволите.

Европската комисија во март предложи кај постарите возачи да се можни и некакви алтернативни решенија, вклучувајќи ја самопроценката кај старите возачи и доброволниот преглед со обновување на дозволата на пет години.

Инаку, промените треба допрва да бидат усогласени меѓу министрите, владите на земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент.