Новите грчки челници, премиерот Алексис Ципрас и министерот за финансии Јанис Варуфакис, ја завршија својата прва официјална и работна мисија во седиштето на ЕУ, но без резултати на полето на економијата и на преговорите за грчкиот долг.

Јанис Варуфакис во средата го имаше својот прв состанок со Еврогрупата – групата на 19 членки на еврозоната, но партнерите не постигнаа никаков договор.

Околу 1 часот по полноќ, новиот министер за финансии и поранешен академик, им се придружи на новинарите во прес-салата да соопшти дека овојпат Еврогрупата нема да објавува нацрт-заклучок од состанокот, ниту соопштение за јавноста, затоа што целта била партнерите да се запознаат со грчките позиции.

Најтешкиот дел од преговорите е одложен за понеделник, кога повторно ќе се состанат министрите за финансии на еврозоната.

Грчката страна „одбива да западне во црни сценарија“, според нивните дипломати и медиуми.

Во четвртокот, на првиот неформален совет на шефови на држави и влади на ЕУ за Алексис Ципрас, лидерите разговарале за финансискиот план за спас на Грција.

Иако ни од Ципрас не добиле конкетни предлози, „вербален необјавен договор“ помеѓу претседавачот на Еврогрупата, Јерун Дајселблум, и Ципрас бил постигнат и гласи:

„Експерти од грчката влада и од засегнатите институции (Европска комисија, Европска централна банка и Меѓународен монетарен фонд, н.з.) ќе почнат овој петок техничка анализа за воспоставување заедничка основа помеѓу сегашната програма за помош на Грција и идната програма на новата влада“.

Ципрас на заклучната прес-конференција доцна синоќа ги потврди наводите од Еврогрупата: Грција турка за воспоставување некаков вид „договор-мост“ по рокот на 28 февруари, кој ќе им овозможи да издржат до елаборацијата на нивниот план за излез од кризата. Но, Атина одбива да продолжи да преговара со „тројката“ (ЕК, ЕБЦ, ММФ) во рамките на нејзиниот меморандум како што беше досега:

– Повторувам, „тројката“ не постои – рече Ципрас синоќа.

СИРИЗА ги доби изборите, пред сè, со ветувањето дека мерките за штедење наметнати од „тројката“ ќе бидат прекинати и дека Грција, која е исклучително силно погодена од програмите за помош на социјален и на економски план, нема повеќе да прифаќа ултиматум во таа насока.

Но, дали тоа значи дека промената што ја бара СИРИЗА ќе биде само декларативна и симболична, како, на пример, да не се користат повеќе термините „тројка“ и „меморандум“, или Ципас и Варуфакис ќе успеат да извојуваат посуштински промени во односите со нивните позајмувачи, останува под знак прашалник.

Во секој случај, преговори со секоја од овие институции ќе има, потврди грчкиот премиер.

Алексис Ципрас засега постапува во дух на компромис и на преговори со своите партнери.

Тој, исто така, потсети оти е „свесен дека Европска Унија е мешавина помеѓу мандатот од народот и договорите со партнерите“, алудирајќи на тоа дека драматични потези неговата влада не сака да презема и дека е подготвен да преговара.

Грчката влада на вчерашниот самит беше соочена со украинското прашање, по кое, исто така, постојат суштински разлики со останатите партнери од ЕУ.

Официјална Атина под владеењето на СИРИЗА негува добри односи со Русија и со Владимир Путин и, иако го поддржа пролонгирањето на санкциите против Москва до септември, тешко би се согласила на нова рунда рестрикции, доколку дојде до тоа.

Засега, благодарение на договорот за примирје постигнат вчера во Минск, темата не е на дневен ред, но, предупреди претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, доколку Русија го прекрши договорот, ќе треба да се донесат уште посилни санкции.

Во тој случај, Ципрас би можел да се најде во незгодна позиција, особено ако дотогаш не е постигнат задоволителен заеднички договор со позајмувачите на Грција.

Министрите за финансии на еврозоната в понеделник повторно ќе се сретнат да разговараат за финансиската асистенција за Грција и за излезот од кризата.