Еден донор спаси четири животи – извршена трансплантација на срце, бубрези и црн дроб

Министерот за здравство Илир Демири се заблагодари на семејството на донорот кое одлучи да ги донира органите од нивниот близок и притоа да спаси најмалку четири животи

Фото: Министерство за здравство

Во текот на вчерашниот ден направена е уште една трансплантација на органи во која еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, соопшти Министерството за здравство.

Министерот за здравство Илир Демири се заблагодари на семејството на донорот коешто се одлучи да ги донира органите од нивниот близок и притоа да спаси најмалку четири животи.

„По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно нè потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку 4 животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас нè прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје“, истакнува Демири.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека од 2020 година досега трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, односно вкупно 77 органи што живот значат.