Двајца осомничени за подметнување два пожари, уште еден предизвикувач на пожар е во притвор

Обвинетиот 25-годишник, на кој му е одреден притвор, на 21 јули, на дива депонија во селото, со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил

Фото: ЦУК

Две лица се осомничени за подметнување на два пожари, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и додаде дека се преземени чекори за откривање на вистината и за понатамошно процесуирање на случаите до надлежните органи.

Од страна на МВР, рече Тошковски, оформена е оперативна акција „Пожар 2024“, во која што се вклучени сите Сектори за внатрешни работи во земјава, бидејќи, како што рече, факт е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор.

„Фокусирани сме на откривање на сите оние сторители бидејќи факт е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фатор. Досега имаме двајца осомничени за два конкретни кривично-правни настани и се преземени конкретни процесни чекори од аспект на утврдување на вистината и процесирање понатаму до надлежните органи“, рече Тошковски денеска одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.

Во однос на пожарите, денеска Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен предлог против едно лице од велешкото село Горно Оризари за кривично дело – предизвикување општа опасност.

„Обвинетиот 25-годишник, на 21 јули, на дива депонија во селото, со умисла предизвикал пожар, палејќи стари седишта од автомобил. Бидејќи местото било обраснато со сува трева, а на депонијата имало и бали суво сено и други предмети, огнот брзо се проширил. Со тоа обвинетиот предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот во околните села. Опасноста да биде предизвикана штета од големи размери со ваквите дејствија на обвинетиот е особено изразена со оглед на алармантната состојба со пожарите во околината на Велес и на територијата на целата држава“, изјавија од Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Велес доставил предлог за определување мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, а судот го прифатил предлогот.

Во меѓувреме, се размислува за коренити промени во системот за справување со кризи. Една од опциите е спојување на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и формирање на специјално тело коешто би имало и материјални и кадровски капацитети да се справува со вакви кризи во иднина.

Ваквите предлози биле ставени на маса на средбата на Управувачкиот комитет за управување кризи, кој ѝ препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјата.

Одлуката ја соопшти министерот Панче Тошковски. Тој оцени дека пожарите се национална катастрофа, а системот за заштита од кризи е несоодветен.

„Ова кое што се случуваше со пожарите е мизерно за една држава која сакаме да биде дел од ЕУ, од аспект што немаме систем кој може да се справи со кризен менаџмент, кој соодветно ќе одговори на кризните состојбите, особено со пожарите“, изјави Тошковски.