Домашниот економски пораст забавува

Во првото тримесечје домашниот бруто-производ оствари реален годишен пораст од 2 проценти, додека на квартална основа е забележан пад од 0,8 отсто, објави Народна банка во кварталниот извештај.

Од аспект на структурата на порастот, носечки сектори во првиот квартал се градежништвото, чиј пораст главно се поврзува со активностите во доменот на патната инфраструктура, и секторите трговија, угостителство и транспорт и сообраќај.

– Трет квартал по ред, градежништвото е помеѓу носечките сектори на економскиот пораст. Сепак, споредено со движењата во претходниот квартал, во првиот квартал на 2016 година се забележува позначајно забавување на годишниот пораст, додека на квартална основа е регистриран пад на додадената вредност во овој сектор – се вели во извештајот на Народна банка.