Договор МЕПСО-КОСТТ: Македонија и Косово директно меѓусебно ќе тргуваат со струја

мепско-костт договор
Фото: МЕПСО

МЕПСО (Македонскиот електропреносен систем оператор) и косовскиот електропреносен систем, КОСТТ, денеска склучија оперативен договор за организирање аукции за закуп на расположливи преносни капацитети, со што се создадоа услови за директно тргување со електрична енергија меѓу двете земји.

Договорот го склучија м-р Куштрим Рамадани, генералниот директор на МЕПСО и Мустафа Хасани, генералниот директор на КОСТТ, а денеска беше реализирана и првата дневна аукција за закуп на преносни капацитети во двата правца, на 400 киловолтниот далновод со кој се поврзани Македонија и Косово.

„Учесниците на пазарите за електрична енергија во двете земји ќе учествуваат на аукции и ќе закупуват прекугранични капацитети за пренос. Договорот меѓу МЕПСО и КОСТТ и создавањето на услови за трговија е уште еден важен чекор кон создавање на регионален пазар и негова идна интеграција, во едиствениот пан европски пазар на електрична енергија“, истакна Рамадани.

КОСТТ од денеска доби можност да организира аукции на прекугранични расположливи капацитети со соседните земји. Периодот до 14 декември е дефиран како временска рамка во која беа реализирани сите технички и правни предуслови за КОСТТ да почне да работи како контролна област, во рамките на контролниот блок, формиран заедно со албанскиот систем оператор ОСТ.

„Договорот е продолжение на исполнувањето на обврските што произлегуваат од членството во ЕНТСО –Е, и негова цел е развој на регионалните пазари на електрична енергија и зајакнување на сигурноста на напојувањето за граѓаните од двете земји“, изјави Хасани.

Аукциите во име на двата систем –оператора ќе ги организира и спроведува СЕЕ – ЦАО со седиште во Подгорица. МЕПСО и КОСТТ се ко-основачи на СЕЕ ЦАО, заедно со систем-операторите од Црна Гора, Албанија, Грција, Хрватска, Босна и Херцеговина и Турција.

СЕЕ ЦАО организира годишни, месечни и дневни аукции за закуп на расположливи капацитети за пренос на електрична енергија меѓу овие земји. Таа е основана со цел од еден центар, да се организираат аукции меѓу повеќе соседни електропреносни системи и со тоа да се намалат трошоците и да се овозможат фер услови за сите учесници на пазарите на електрична енергија на регионално ниво.