Џулијан Асанж го доби правото на жалба против екстрадиција во САД

Судиите одлучија дека Асанж ќе може да поднесе жалба против екстрадицијата по три основи, освен ако САД  не достави „задоволителни“ гаранции во врска со судењето

Џулијан Асанж, 18 август 2014 г. | Фото: David G Silvers, Cancillería del Ecuador, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Џулијан Асанж доби дозвола да поднесе нова жалба против неговата екстрадиција во САД, каде е обвинет за објавување воени тајни, и ќе може да ги оспори гаранциите на САД за тоа како ќе се спроведе судењето таму, одлучи Високиот суд во Лондон, пренесува Гардијан.

Двајцата судии, во март годинава ја одложија одлуката околу тоа дали Асанж, кој се обидува да избегне кривично гонење во САД за обвиненијата за шпионажа и објавување на илјадници доверливи и дипломатски документи, може да го понесе својот случај кон уште едно жалбено рочиште.

Судиите одлучија дека Асанж ќе може да поднесе жалба против екстрадицијата по три основи, освен ако САД  не достави „задоволителни“ гаранции во врска со судењето.

Од САД се бара гаранции дека ќе му биде дозволено да се потпре на првиот амандман од американскиот устав, кој ја штити слободата на говорот, дека нема да има „предрасуди при судење“ поради неговата националност и дека смртната казна нема да биде изречена.

Едвард Фицџералд, адвокатот на Асанж, кажува дека проблемите околу гаранциите од САД се „повеќекратни“ и дека тие не ја исклучуваат можноста американскиот суд да пресуди дека основачот на Викиликс, како странец, нема право да се повика на првиот амандман.

Џејмс Луис К.Ц., кој ги претставува САД во спорот, вели дека националноста на Асанж нема да влијае врз сослушувањето, но дека делото за кое е обвинет не е заштитено со првиот амандман.

„Ставот на американскиот обвинител е дека никој, ниту државјаните на САД, ниту странските државјани, немаат право да се повикаат на првиот амандман во врска со објавувањето на незаконски добиените информации за националната одбрана, во кои се наведуваат имињата на невини извори, кои се ставаат во ризик“, вели Луис.

Американските обвинители тврдат дека Асанж ја охрабрил и ѝ помогнал на Челзи Менинг, аналитичарка во армијата на САД, да украде дипломатски телеграми и воени досиеја кои беа објавени од страна на Викиликс со што многу животи беа ставени во ризик.