Џо Бајден: Потребно е да се обезбеди простор на лидерите на новата генерација

Според него вистински чекор е да се пренесе кандидатурата на новата генерација, со цел да се обедини нацијата оти само на таков начин ќе се слушнат новите и свежи гласови

Претседателот на САД, Џо Бајден за време на вчерашното обраќање до јавноста | Фото: The Biden White House, Public domain, via Wikimedia Commons

Претседателот на САД Џо Бајден вчера се обрати на јавноста да ја објасни неговата историска одлука да се откаже од трката за претседател како кандидат на демократската партија на изборите во ноември годинава по што ја поддржа неговата потпретседателка, Камала Харис. Ваквиот чекор, потенцира тој, го презема затоа што на приказната за американската демократија ѝ треба ново поглавје.

„Верувам дека моето искуство како претседател, моето лидерство во светот, мојата визија за иднината на Америка заслужува втор мандат, но сепак ништо не може да се постави пред спасувањето на нашата демократија. Вклучувајќи ги и личните амбициии“, рече Бајден а пренесе британски „Гардијан“.

Според него вистински чекор е да се пренесе мандатот на новата генерација, со цел да се обедини нацијата, само на таков начин ќе се слушнат новите и свежи гласови.

Бајден вети дека ќе продолжи да во борбата за подобар живот на Американците до крајот на времетраењето на неговиот мандат. Од Републиканската партија уште претходно посочија дека актуелниот претседател треба да се откаже од кандидатурата за следниот претседателски мандат. За Бајден потребно е континуирано да се стреми во борбата за лични слободи и граѓански права, а како најважно го одвои правото на глас.

Тој вети дека до крај на неговото претседавање ќе продолжи да работи во полза на ставањето крај на војната во Газа, но и да донесе мир и безбедност на Блискиот Исток. Своето лидерство Бајден во надворешната политика го означи како континуирана борба за светскиот мир, а наведе дека неговата цврста поддршка за Украина во војната со Русија е едно од неговите најгорди достигнувања.

Последните анкети навестуваат мала разлика во водството на Камила Харис напоредно со противкандидатот Доналд Трамп, а бројните донации и поддршка упатена кон наследничката на Бајден покажаа мала загриженост кај Републиканците. Можната кандидатура на Харис на местото на Бајден ја поддржа и претходниот претседател на САД, Барак Обама, но и претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси која додаде дека Бајден покажал дека е на вистинската страна на историјата и иднината, а стави акцент дека „Бајден е најдоследниот претседател од сите американски претседатели“.