Димитров и Дендиас се согласиле за понатамошна имплементација на Договорот од Преспа

Министерот за надворешни работи Никола Димитров е во работна посета на Женева, како дел од делегацијата предводена од премиерот Зоран Заев, а со цел учество на состанокот организиран од Светскиот економски форум на тема „Стратешки дијалог за Западен Балкан.“

На маргините од лидерскиот состанок, Димитров денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас.

„На средбата беа разменети видувања за најновата состојба во билатералните односи, состојбите во регионот, како и неговата европска перспектива по исходот на последниот Европски совет. Министерот Димитров изрази задоволство од досегашната соработка со Грција и нивниот ангажман во полза на започнувањето пристапни преговори со Европската Унија. Во тој контекст, го нагласи очекувањето Грција да продолжи да биде наш силен поддржувач и промотор на нашата интеграција во ЕУ“, соопштија од Министерство за надворешни работи.

Двајцата министри се согласиле за можностите за унапредување на политичкиот дијалог и интензивирањето на билатералната соработка во сите области од заеднички интерес, преку понатамошната имплементација на Договорот од Преспа.