Денеска во големата сала на Врховниот суд продолжува главната расправа од судскиот процес за настаните во Диво Насеље, Кумановско, од 9 и од 10 мај минатата година. Денешното рочиште, како и неколуте претходни, е затворено за јавноста, односно на новинарите не им е дозволено присуство, бидејќи се сослушуваат заштитени сведоци, предложени од Обвинителството.

Следното рочиште, кое исто така ќе биде затворено за јавноста, како што информираат од Кривичниот суд, е закажано за 28 јули. По ова рочиште, според информациите, странките во процесот и судот треба да се договорат кога ќе продолжат со рочиштата од судскиот процес.

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари годинава. На почетокот на јуни, целиот процес почна одново откако обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.

Во настаните во Куманово на 9 и на 10 мај минатата година животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.

Обвинетите во случајот се товарат за тероризам и за терористичка организација.