Декада на пораст на таксите, глобите и другите неданочни приходи

lugje kolonada Siti Galeri zhega sonce toplo

Со нови такси, глоби и други давачки секојдневно се соочуваат македонските граѓани и компании, а најдобар показател за тоа се неданочните приходи во буџетот кои од 2010 до 2019 година се зголемиле од 188 милиони евра на 222 милиони евра.

Математиката покажува дека за една деценија за вкупно 34 милиони евра пораснале буџетските приходи од глоби, судски и административни такси, наодоместоци и други давачки кои потпаѓаат под ставката неданочни приходи.

Во овој период, приходите од такси и надоместоци се зголемиле за 3 милиони евра, приходите од глоби, судски и административни такси пораснале за 4 милиони евра, а другите неданочни приходи за 18 милиони евра.

Граѓаните на социјалните мрежи секојдневно се жалат на тоа што се уште се плаќаат такси и провизии при плаќање на различни услуги од државните инеституции, а на проблемот со нови и скриени давачки укажуваат и од бизнис секторот.

Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија неодамна информира дека само во последнава деценија има воведено повеќе од 80 нови неданочни давачки.

„Недостасува за комплетирање на целосната слика за давачките од аспект на бизнисот во нашиот систем е јасниот приказ и информираност за разните неданочни и парафискални давачки, кои произлегуваат од многу прописи. Ако ги земеме предвид овие давачки, ќе дојдеме до фактот дека ефективното оптоварување на економските субјекти е поголемо од кога би се анализирале само даночните давачки.

Давачките за издавање на одредени дозволи, концесии, лиценци, акредитации, полагање стручни испити и слично се трошок за компаниите, но воедно истите претставуваат и сериозен административен товар и пречка за бизнисот, особено во услови на инертна и неефикасна администрација.
Во вакви услови оправдани се реакциите на домашните и на странските инвеститори, кои укажуваат дека „скриените“ трошоци кои не можат лесно да се планираат предизвикуваат несигурност во носењето на нивните деловни одлуки.

Со цел создавање на транспарентен систем, како прв чекор неопходно е да се воспостави посебен Регистар на неданочните и парафискални давачки, кој ќе содржи елементи за идентификување и јасно истакнување на видот на давачките, понатаму законот или подзаконски акт со кој истите се воспоставени, обврзникот на плаќањето, основицата, стапката или износот на давачката и органот надлежен за наплата“, укажа Димовска во својата последна колумна објавена на „Бизнис регулатива“.