ЦУК: Четири активни пожари во Прилеп, Штип, Чашка и Чучер-Сандево

Во моментов на територијата на земјава се активни четири пожари, еден е ставен под контрола, а 27 се изгаснати од вчера, соопшти утрово Центарот за управување со кризи

Фото: Центар за управување со кризи (август 2024)

Вкупно 32 пожари на отворено имало во текот на вчерашниот ден, а од нив во моментов активни се четири, еден е ставен под контрола, а 27 се изгаснати, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Сè уште е активен пожарот во Општина Чашка, на планината Мукос, во селото Степанци (место викано Кадиица) кон селото Оморани и Ораов Дол, при што гори мешана шума.

Во прилепско, пак, нискостеблеста вегетација гори кај селата Пештани, Кокре и Кален.

Активен е и пожарот во штипско – село Хаџи Хамлази – село Едеклерци – село Топлик, полигон Криволак, каде гори нискостеблеста шума, смреки и сува трева.

Мешана шума гори и во Чучер-Сандево, кај селото Танушевци, место викано Рамно.

ЦУК информираше дека под контрола е ставен пожарот кај селото Вардино, Демир Хисар.