ЦГК: Владата падна од прво на 40-то место во однос на транспарентноста

Ако се земат предвид министерствата, може да се согледа дека редовно Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е на последно место според активна транспарентност, а на прво место редовно е Министерството за одбрана

Фото: Мета.мк

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност 2024, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

Според наодите, просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2024 година изнесува 80% (од максимално можни 100%) и во однос на лани е подобрена за 4 процентни поени. Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 71% од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 54% од институциите.

Според Индексот, активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86%, а на општините 79%. Во однос на лани, кај министерствата нема напредок, а
општините се подобриле за 5 процентни поени.

Од владините институции, максималните 100% активна транспарентност годинава ги задржало само Министерството за одбрана, кое четврта година по ред ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност. Владата паднала од ланското прво место и 100 % на 40 место со 87 % активна транспарентност. За првпат годинава, дури пет општини, Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево, оствариле 100% активна транспарентност.

Ако се земат предвид министерствата, може да се согледа дека редовно Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е на последно место според активна транспарентност, а на прво место редовно е Министерството за одбрана.

Министерствата и натаму објавуваат повеќе информации отколку општините. Иако во 2016 година почнаа од иста основа, односно имале ниво на активна транспарентност од 45%, сè уште постои јаз меѓу транспарентноста на министерствата и на општините, иако тој се намалува од година во година. Имено, активната транспарентност на
министерствата изнесува 86%, додека на општините 79%.

Под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др.