Централата Запорожје Русија ја користи како нуклеарен штит, обвини американскиот државен секретар Блинкен

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен | Фото: Стејт департмент на САД, јавен домејн, Викимедија комонс
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен | Фото: Стејт департмент на САД, јавен домејн, Викимедија комонс

Американскиот државен секретар Антони Блинкен акциите на Русија околу најголемата нуклеарна централа во Украина, Запорожје, ги нарече врв на неодговорност и ја обвини Москва дека стратешкиот објект го користи како нуклеарен штит во своите напади врз украинските сили.

Русија и во март беше обвинета дека испукала гранати во опасна близина на нуклеарната централа, кога нејзините сили ја преземаа во првите недели од инвазијата на Украина.

„Вашингтон е длабоко загрижен што Москва сега ја користи централата како воена база и пука од оваа позиција врз украинските сили“, изјави Блинкен по разговорите во ООН за неширење на нуклеарното оружје.

Тој посочи дека Украинците не можат да возвратат на овие напади за да не дојде до несреќа во која ќе биде вклучена и нуклеарната централа.

„Акциите на Русија отидоа подалеку од користењето човечки штит и го користат Запорожје како нуклеарен штит“, рече Блинкен.

Русија, од своја страна, денеска ги отфрли тврдењата на американскиот државен секретар дека ја кориси нуклеарната централа како воена база.

„Силно ги отфрламе таквите наводи. Дејствијата на нашите вооружени сили на ниту еден начин не ја поткопуваат нуклеарната безбедност на Украина или ја попречуваат рутинската работа на нуклеарната централа“, стои во соопштение на руската делегација во ООН.

Русија ја обвини Украина дека во текот на последните месеци врши провокации со беспилотни летала испорачани од земјите на НАТО со цел да ја саботира нормалната работа и да ја поткопа безбедноста на електраната, со што создава закана од нуклеарна катастрофа.