фото: Влада на РСМ

Поврзувањето на младите од регионот создава синергија која го забрзува процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Затоа, институциите треба да им помогнат на младите што повеќе меѓусебно да комуницираат, да воспоставуваат пријателства, да градат партнерства и да разменуваат позитивни практики и искуства, бидејќи тоа значи придонес за јакнењето на регионот и негова поголема конкурентност во глобални размери.

Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, во своето обраќање на младинскиот форум, во рамки на неколкудневниот Преспа Форум Дијалогот во Отешево, што се одржува од вчера во организација на МНР.

„Една од вредностите на кои ги учиме младите во нашата земја, а која доаѓа до израз во последните неколку години е дека само преку активизам и нивно единство во границите на својата земја, но и преку градење на пријателства и партнерства со соседството од регионот, и воопшто светот, можат да ги постигнуваат личните цели, а со тоа да ѝ помагаат на државата да оди напред“, рече Царовска, нагласувајќи дека според нејзиното неколкугодишно искуство од работата со млади, видливи се промените во начинот на размислување и однесување кај нив и дека тие сé повеќе сакаат да соработуваат со врсници од други земји.

Таа рече дека младите знаат оти преку личен активизам и ширење на контакти и комуникации побрзо се напредува и се остваруваат лични цели. Затоа возрасните треба да им помогнат преку сите начини повеќе и побрзо меѓусебно да се конектираат.

„Така ќе придонесеме и побрзо да созреат, да станат достојни за преземање на улогите кои ние сега ги извршуваме и да ги надминат позитивните резултати и успеси кои ги постигнавме“, потенцираше Царовска.

На младинскиот форум учествуваа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, министерката за образование на Албанија Евис Куши, пратеникот Дарко Каевски, поранешниот министер за образование и пратеник, Арбер Адеми и други. Идејата на Преспа Форум Дијалогот е продлабочување на соработката и размена на позитивни практики и искуства меѓу земјите од Западен Балкан во повеќе области, вклучувајќи го и младинскиот активизам, соопштија од Владата.