Брегалница го отсече кочанско Прибачево

Реката Брегалница се излеа на триста метри до првите селски куќи во кочанското село Прибачево. Во опасност се доведени не само нивите, туку и селските куќи. Поради ерозија на земјиштето, Брегалница го сменила својот тек. Однесени се околу десет хектари оризoви посеви. Земјоделците ги повикаа институциите да интервенираат со градежна механизација и да ги заштитат куќите и имотите.

– Немаме пат. Патот до селото е однесен. Луѓето нема каде да поминуваат. Нивите се однесени. Бараме Владата и кризниот штаб да ја санираат реката, да се смени текот на водата, бидејќи Брегалница постепено носи сè – вели земјоделецот Раде Стојчевски, чии ниви се поплавени.

Жителите на Прибачево велат дека Брегалница е сè поголема и се плашат дека ќе им ги поплави домовите. Проблемот дополнително се усложнува откако прелеала браната Калиманци, што го потврди и директорот на Водостопанство „Брегалница“, Николче Гацов.

Колкава е штетата по оризовите посеви, допрва ќе се утврдува. Засега прв приоритет е заштитата на куќите во пониските кочански села по текот на Брегалница.