Битолските наставници се подготвуваат за протестен марш

Просветните работници од Битола, членови и поддржувачи на штрајкот на СОНК, се подготвуваат за протестниот марш в среда, во 13 часот, најавува регионалниот претседател на СОНК, Фанче Јошевска. Наставниците прво ќе се соберат пред вратите на Државниот просветен инспекторат во Битола, лоциран во средношколскиот дом „Мирка Гинова“ и средното медицинско училиште, а потоа со марш по Широк сокак ќе протестираат пред зградата на Општина Битола и градоначалникот Владимир Талески. Во Битола секој ден се зголемува бројот на просветни работници, кои штрајкуваат и покрај притисоците од директорите и контролите од инспекциите по училиштата, вели Јошевска.
– Притисоците врз штрајкувачите станаа секојдневие, но нè радува самиот факт што и покрај заканите, бројот на оние кои нè поддржуваат секој ден се зголемува. Дури и во оние училишта каде минатата недела немаше штрајкувачи, сега ни се приклучуваат. Веќе се подготвуваме за протестиот марш, а ќе почнеме од пред вратите на просветните инспектори, ќе завршиме пред Општината, каде се сместени сите одговорни за битолското образование – вели Јошевска.

А.Б.