Ангелов му поднесе кривична на Ратајкоски за селективно и пристрасно пласирање информации

Стојанче Ангелов денеска до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против главниот и одговорен уредник на првиот канал на Македонската радио-телевизија (МРТ), Диме Ратајкоски, за селективно и пристрасно пласирање информации преку јавниот сервис, пренесува „Нова ТВ“.

Генералот Ангелов, кој изминатите десетина дена ги предводи протестите пред МРТ, на кои тој и граѓаните бараат јавниот сервис да ги емитува прес-конференциите на опозцијата и „бомбите“ што на нив се објавуваат, посочи дека Ратајкоски како главен и одговорен уредник на МРТ овозможил пристрасно пласирање информации во корист на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и со тоа им нанел штета на граѓаните.

Од друга страна, пак, вели Ангелов, тој овозможил емитување снимки кои се добиени преку посебни истражни мерки (ПИМ).

– Сакам да му порачам на Диме Ратајкоски дека за ова дело е предвидена казна затвор и, порано или подоцна, ќе ја добие заслужената казна – рече Ангелов.