Анализите покажаа дека вежбата Одлучен удар 21 на Криволак не предизвикала загадување на околината

Денот на високи гости на воената вежба „Одлучен удар“ на полигонот Криволак, 31 мај 2021. Фото: Кабинет на претседател на РСМ и Собрание на РСМ

Активностите во рамките на вежбата Одлучен удар 21, која што се одржа во втората половина од мај на полигонот Криволак, не предизвикале загадување на животната средина, покажа анализата на универзитетската лабораторија АМБИКОН, со која Министерството за одбрана воспостави редовна соработка за мониторирање на влијанието на вежбовните активности на Криволак, во делот на животната средина.

Со цел да се анализира квалитетот на воздухот од аспект на концентрација на суспендирани цврсти честички во пошироката зона на полигонот Криволак, во директна соработка со Министерството за одбрана, од страна на универзитетската лабораторија АМБИКОН (акредитирана согласно ISO 17025), во периодот од 14.05.2021 до 01.06.2021 година беше воспоставена индикативна мониторинг мрежа во пошироката зона на полигонот Криволак, информираат од Министерството за одбрана.

„Добиените резултати потврдуваат дека во текот на вежбовните активности, концентрациите на суспендирани честички, на двете мониторирани локации, не ги надминаа просечните 24 часовни вредности пропишани за заштита на човековото здравје. Измерените просечни вредности се движат во дијапазон од 1 до 11 µg/m3, што е значително пониско од дозволените вредности ( 50 µg/m3) и типично за рурално подрачје со ниски позадински концентрации“, информираат од Министерството за здравство.

Тие додаваат дека во хемискиот состав на суспендираните честички доминираат литогени елементи (Ca, Fe и Mg), вообичаени за ваков вид на прашина, кој во основа го одразува геолошкиот состав на подрачјето на генерирање. Појавите на останатите анализирани елементи (Mn, Ni, As, Sb, S и Cl) во трагови и нивните мали концентрации, исто така одговараат на геолошката подлога, што индицира нивно природно, а не антропогено потекло.

„Содржината на ниту еден елемент не ги надминува препорачаните вредности за заштита на човековото здравје“, велат од Министерството за одбрана, повикувајќи се на анализата.

Од Министерството за одбрана велат дека обрнуваат исклучително влијание на превенција и контрола на влијанието на животната средина при изведувањето на вежбите на Криволак, особено кога се работи за големи НАТО вежби со присуство на поголем број на војници. Северна Македонија како членка на НАТО го споделува ставот за безбедносните импликации на нарушувањето на квалитетот на животната средина и ги презема сите мерки вежбовните активности да не го нарушат квалитетот на околината на полигонот Криволак.