АНАЛИЗА: Ребалансиран буџет – помалку пари за училишта, болници, гасификација, а повеќе за железница, ИКТ развој, за општините

Значително намалување има и на средствата за изградба на нов клинички центар во Скопје и во Штип. Сумата се намалува на 878.000 евра или 35 отсто во однос на планот во сегашниот Буџет

Фото: Мета.мк

Помалку пари за гасификација, за патна инфраструктура, за изградба и реконструкција на училишта. Повеќе средства за железница, нова милионска ставка за општините, за дигитализација. Пред пратениците е новиот ребалансиран Буџет, прв со потпис на новата влада. Во дел од ресорите има позначајни поместувања во Развојниот буџетски дел со кој се опфатени капиталните инвестиции. Порталб.мк во првиот дел на анализата ги става „под лупа“ ресорите кои располагаат со поголеми буџети и каде што има позначајни промени кај капиталните расходи.

Министерството за здравство под „финансиски нож“ во ребалансираниот Буџет 2024. Помалку пари за реконструкција и изградба на здравствени објекти, за рурални амбуланти, за клинички центри. Конкретно, според податоците од Развојниот дел на Буџетот, сумата за реконструкција и доградба на здравствени објекти ќе изнесува 779.000 евра, што е намалување од 64,4 отсто во однос на сегашниот план. Во оваа ставка влегуваат реконструкции на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски” – Скопје и други. Кратење има и на средствата за Општата болница – Кичево, кои со ребалансот се сведуваат на околу 30.000 евра, што претставува само 3,5 отсто од планираната сума во сегашниот Буџет.

Значително намалување има и на средствата за изградба на нов клинички центар во Скопје и во Штип. Сумата се намалува на 878.000 евра или 35 отсто во однос на планот во сегашниот Буџет. За медицинска опрема се планирани 5,8 милиони евра, а за амбуланти во рурални подрачја сумата е преполовена на незначителни 5.000 евра.

Позначајни финансиски промени има во Министерството за образование, кое преку Развојниот дел од Буџетот добива помалку пари за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, на спортски сали, на училишни домови, а по основ на енергетски ефикасна обнова на студентските домови, сумата за капитални расходи се зголемува.

Позначително се намалуваат средствата за изградба и реконструкција на средни училишта и ученички домови, при што сумата се сведува на 1,8 милиони евра. Износот за енергетска ефикасна реконструкција на студентските домови се зголемува на 5,52 милиони евра.

Еден од ресорите кој располага со поголем буџет е Министерството за транспорт, во кое има позначајни промени во развојниот, капитален сегмент. Така, во однос на сега планираните средства, намалување има на сумата за „проект за олеснување на трговијата и транспортот“ која се предвидува да биде 2,92 милиони евра, додека износот за „инвестиции во патна инфраструктура“ се намалува на 66,6 милиони евра или околу 27 отсто во однос на сегашната проекција за оваа ставка која се однесува, пред сè, на инфраструктурниот договор со Бехтел и Енка.

„Во рамките на оваа потпрограма опфатени се активности поврзани со имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола)“, се наведува во предлог ребалансот на Буџетот.

Намалување има и на средствата за гасификација, за водоснабдување, водовод и канализација за општините, додека позначително зголемување, на 54,8 милиони евра, има на средствата за железничка инфраструктура.

Во Министерството за финансии – функции на државата, нова „ставка“ од  75,3 како дел од  најавените 150  милиони евра „финансиска инјекција“ за општините.

„Целта на оваа потпрограма е континуирано инвестирање на средства од централниот буџет за капитални инфраструктурни проекти во општините, во насока на остварување на поддршка за модерни, транспарентни и финансиски стабилни општини“, се наведува во Буџетот.

Преку Министерството за внатрешни работи, сумите за развојни проекти и цели остануваат скоро исти како сегашните – за реформи во полицијата за годинава се предвидува сума од 8,62 милиони евра.

Министерството за одбрана добива 6,66 милиони евра за модернизација, износ кој е поголем во однос на сегашниот, но средствата за изградба и реконструкција на објекти се намалуваат на 6,16 милиони евра, а износот за интеграција во НАТО, пак, на 92,2 милиони евра.

За годинава, според новиот буџетски план по основ на капитални расходи, се предвидува сума (вклучени заеми, донации, самофинансирачки активности) од 731.635.447 евра, што е за околу 3 милиони евра помалку во однос на сегашниот план.