Во Корча, Албанија, политички претставници на етничките Македонци во оваа земја имаа средба со американскиот дипломат Натан Хафт, задолжен за политички прашања при американската амбасада во Тирана.
Едмонд Темелко, претседател, и Васил Стерјовски, генерален секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, по иницијатива на американскиот дипломат, го запознаа Хафт со положбата и со правата на македонската заедница во Албанија, пренесува електорнскиот весник „Македониум“.
Преставниците на Македонска алијанса за европска интеграција го запознаа американскиот дипломат со проблемите со кои се соочува македонската заедница во Албанија. Тие укажаа на неостварувањето на ниту најминимални нивни легитимни права, како што се образованието на македонски јазик, непризнавањето статус на малцинство на целата територија на Албанија, како и дискриминирачката територијална реформа со која се укинаа општините населени со македонско население во регионите Гора и Голо Брдо.
На средбата станало збор и за потребата од носење закон за малцинствата, со кои би се регулирало признавањето на македонската и на другите заедници на целата територија на Албанија и за ред други проблеми.