Амбасадорката Агелер не изјави дека Преспанскиот и Договорот со Бугарија треба да се поништат

Американската амбасадорка Анџела Агелер никаде нема изјавено дека договорите од Преспа и со Бугарија треба да се поништат. Таа тоа уште помалку го има сторено во интервјуто за Радио Слободна Европа од каде што потекнува фотографијата во објавата

Фото: Принтскрин видео

Американската амбасадорка Анџела Агелер никаде нема изјавено дека договорите од Преспа и со Бугарија треба да се поништат. Таа тоа уште помалку го има сторено во интервјуто за Радио Слободна Европа од каде што потекнува фотографијата во објавата. Интервјуто на американската амбасадорка е достапно на Интернет и секој може да го погледне. Со оглед на сето ова, објавата ја оценуваме како погрешна, односно невистинита, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер и во склоп на фотографијата пишува:

Договорот од Преспа како и бугарскиот, треба да се поништи!

Фотографијата е извадок од видео материјал од интервју на Агелер за Радио Слободна Европа, а во моментот на правење на фотографијата, на кајронот долу е испишан превод од она кое таа го говори: „Оваа влада е на власт само четврти ден, ако сум во право, и колку што знам тоа се тековни разговори…“.

Во горниот лев агол се гледа мал дел од логото на Радио Слободна Европа. Во описот на објавата, стои:

Најново… Први јули 2024 година.

На таков начин се дезинформира дека ова била некаква изјава што Агелер наводно ја дала во интервју на први јули, што не е точно.

Фотографијата од објавата во оригиналното видео интервју може да се види на 12 минута и 2 секунда, во делот од интервјуто, каде Агелер зборува за тоа дека на Северна Македонија очајно ѝ требаат опции за чиста енергија и го коментира проектот за чиста енергија. Во тој дел од интервјуто таа не зборува за Преспанскиот договор или договорот со Бугарија.

Наспроти изнесеното во објавата, амбасадорката на САД нема дадено изјава ниту за Радио Слободна Европа ниту за било кој друг медиум во кој вели дека договорот од Преспа како и бугарскиот договор треба да се поништат. Тоа е невистина.

Оригиналното интервју објавено на сајтот на РСЕ е од 30 јуни 2024 година.

На видео материјалот објавен на страницата на РСЕ, на 3 минута и 15 секунда до 5 минута амбасадорката Агелер запрашана дали е во согласност со договорот од Преспа премиерот Христјан Мицкоски да го користи уставното име надвор во државата, а не и внатре во државата, вели:

Да бидам многу јасна. Договорот од Преспа беше апсолутно историски за државата. Знам дека беше исклучително тешко за многу луѓе во државата да прифатат промена на името. Но тоа беше меѓународен договор со кој тогашната влада и многу во меѓународната заедница се согласија. Ние секако бевме дел од тој процес и аплаудиравме. Тоа е нешто што ѝ помогна на Северна Македонија да влезе во НАТО и доби многу можности за да напредува во Европската Унија. Бевме многу задоволни што новиот премиер и неговите министри кажаа „Северна“ во заклетвата. Тоа е од клучна важност и е фундаментален дел од Договорот. Сега многу внимателно ќе следиме како се почитува. Но како што веќе кажав и кажавме дека со почитувањето на Договорот од Преспа, што е клучно, секако има начин, и приоритетот за нас во Скопје во Американската амбасада и за Вашингтон е да се премине на многу од тие важни приоритети за кои треба да се зборува во оваа земја. Чувствувам дека има одредено количество на одвлекување на вниманието и собирање поени од тоа кој и што и кога кажал. Но важно е да се почитуваат меѓународните договори, за кои премиерот кажа дека ќе го стори и да одиме напред и да ги имаме многу важните разговори.

Потоа таа објаснува дека во Вашингтон на самитот на НАТО каде ќе се одбележи 75-годишнината од НАТО ќе биде присутен Мицкоски и неговите клучни министри, кажува дека С. Македонија е силен сојузник во НАТО и дека сакаат разговорите да бидат за Украина, за развојот на алијансата и за мирот во Европа.

На 7.30-7.45 мин. од интервјуто прашањето е дали САД поттикнуваат нов дијалог меѓу Бугарија и С. Македонија.

Амбасадорката одговара:

Тие договори се направени. Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредокот кон ЕУ. Тоа е многу јасно.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Амбасадорката на САД Анџела Агелер нема изјавено дека бугарскиот договор и договорот од Преспа треба да се раскинат, туку напротив.