ААВМУ лани заштедила, годинава очекува помали приходи

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во текот на минатата година работела домаќински и заштедила многу, односно не потрошила толку колку што било предвидено, со што е практично авансирана цела една година, односно да се покријат трошоците и за оваа година, рече Зоран Фидановски, член на Советот на ААВМУ на денешната седница на која се усвои завршната сметка на Агенцијата за 2017 година.

Инаку, како што презентираше директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, од 111 милиони денари приходи, расходите изнесувале 90 милиони денари.

Со истиот став како Фидановски е и Лазо Петрушевски, претседателот на Советот, кој рече дека заштедата ќе биде добредојдена, оти се очекуваат помали приходи за агенцијата во 2018 година.

– Од година во година Агенцијата работи стандардно домаќински, но тоа не треба да не олабави, оти, знаете ситуацијата не е поволна – неколку радиодифузери се откажаа од дозволите. Ситуацијата е економски лоша. Дури еден национален радиодифузер се откажа од дозволата што чинеше 3,5 милиони денари (57.000 евра) – рече Петрушевски.

Тој посочи и дека новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува многу помал број на дозволи на емитување од досег,а па тоа ќе донесе многу помали приходи на Агенцијата.

Советот на ААВМУ на денешната седница донесе одлуки за прекинување на постапката за одземање на дозволата за емитување на телевизиите „Едо“ и „Шутел“ од Скопје и радијата „Ват“ од Скопје и „Дрини“ од Струга, оти во последниот рок го платиле надоместокот.

Поради неплаќање за дозволата, Советот почна постапка за одземање на дозволата на телевизијата „Хана“ од Куманово, која доби дополнителен рок за плаќање. Ако тоа го направи, исто како за „Шутел“ и „Едо“, постапката ќе биде прекината.