„Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска е македонски кандидат за Оскар

Фото: Element PR and Corporate Communication

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.

Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на  Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Бранко Петровски – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Куштрим Бектеши – режисер, Милка Анчевска – кастинг директор, Милан Тоциновски – монтажер, Сандра Чевреска – сценограф и Валдета Исмаили – актерка.

Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.

Церемонијата за доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 12 март 2023 година, во Dolby Theatre, Лос Анџелес.