Нови 44 случаи на пертусис, вкупната бројка на заболени достигна 597

Ова е зголемување од 3 пати споредено со претходниот седмодневен период, информира ИЈЗ

Фото: Рената Копел (Renate Köppel) на Пиксабеј (Pixabay)

Во последната недела пријавени се 44 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 3 пати споредено со претходниот седмодневен период, информира Институтот за јавно здравје во последниот извештај за оваа болест.

Возраста на заболените се движи од 3 месеци до 77 години, а најголем број на случаи се од возрасната група 5-9 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 28 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 9 се комплетно вакцинирани и 7 се вакцинирани согласно возраст.

„Од новите 44 случаи, петмина се хоспитализирани“, наведено е во извештајот.

Во тек се две епидемии пријавени на ниво на територијата на Скопје и Куманово.
Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група до 4 години.

Од вкупниот број на регистрирани случаи (597), 361 случаи (односно 60,5%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просек на поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,6 години.

Во периодот од 18 јануари до завчера, дадени се вкупно 47.982 дози на вакцина која содржи компонента против голема кашлица.