ЕУ ќе го забрани извозот на отпадна пластика во сиромашните земји

ЕУ конечно ќе ја преземе одговорноста за својот пластичен отпад со тоа што ќе го забрани извозот во земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦР)

Photo by Ian Taylor on Unsplash

Европската Унија (ЕУ) склучи договор кој ќе ги спречи бродовите со отпадна пластика да се истовараат во пристаништата на посиромашните земји.

Европските пратеници и земјите-членки, се согласија во петокот да забранат извоз на пластично ѓубре во земји надвор од групата на богати земји на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦР), од средината на 2026 година. Договорот се склучи на состанок во Најроби.

„ЕУ конечно ќе ја преземе одговорноста за својот пластичен отпад со тоа што ќе го забрани извозот во земјите кои не се членки на ОЕЦР“, рече Пернил Вајс, европратеничка од Данска од централнодесничарската група ЕПП, која беше одговорна за предлогот.

„Уште еднаш, ја следиме нашата визија дека отпадот е ресурс кога правилно се користи, но во никој случај не треба да предизвикува штета на животната средина или здравјето на луѓето“, додава таа.

Поголемиот дел од пластиката фрлена во Европа се согорува, а помалку од една третина се рециклира. Активистите изразуваат загриженост дека дел од пластичниот отпад испратен во странство за рециклирање завршува на депонии и водни патишта.

„Иако ова е подобрување на тековната ситуација, доказите за штетите и неопходноста за целосна забрана за пластичен отпад се јасни. Ова е сигнал дека ЕУ конечно почнува да ја презема одговорноста за својата улога во глобалната вонредна состојба со пластичното загадување“, вели Лорен Веир активист од Агенцијата за истраги за животната средина.

Новите правила би значеле дека некои форми на непластичен отпад сè уште може да се испраќаат во земји кои не се членки на ОЕЦР доколку исполнуваат одредени социјални и еколошки критериуми. Но, законот исто така може да доведе до зголемување на отпадот што се испраќа во земјите кои се дел од ОЕЦР, како Турција.