Индустриското производство во октомври опаднало за 5,3 отсто на годишно ниво

Фото: Влада на РСМ

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), индексот на индустриското производство во октомври е 94,7 во однос на октомври 2021 година, односно бележи негативна разлика од 5,3 отсто.

Најголем е падот во секторот Рударство и вадење на камен, при што за само една година, односно октомври 2021-октомври годинава, се бележи пад од 13,2 отсто. Во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од четири отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 9,2 отсто.

Падот во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали и Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема.

Според главните индустриски групи, производството во октомври 2022 година, во однос на октомври 2021 година, бележи опаѓање кај Енергија за 4,4 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија, за 14,5 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,3 отсто, додека бележи пораст кај Капитални производи за 10,7 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за пет отсто.

Сепак, погледнато во поширок план, има и одредена многу слаба позитивна разлика, односно Индексот на индустриското производство во периодот јануари ̶ октомври 2022 година, во однос на периодот јануари ̶ октомври 2021 година, изнесува 100,3, што значи е поголем за 0,3 отсто во однос на лани.