Заев во Драч на неформален состанок на премиерите од Западен Балкан

Албанскиот премиер Еди Рама во Драч ќе биде домаќин на неформалниот состанок на премиерите од земјите на Западен Балкан, а на кој ќе присуствува и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

На состанокот ќе присуствуваат македонскиот премиер Зоран Заев, претседавачот на советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, црногорскиот премиер Душко Марковиќ, како и косовскиот премиер Рамуш Харадинај. Своето учество се уште го нема потврдено премиерката на Србија Ана Брнабиќ, а бугарскиот премиер Бојко Борисов ја откажа посетата на Драч поради сообраќајната несреќа во Бугарија каде загинаа 16 лица, а давесеттина се повредени.

Тема на средбата ќе биде заедничката визија за стратегијата за интеграција во Европската Унија и зајакнувањето на регионалната економска зона.

Првиот неформален состанок премиерите од Западен Балкан го имаа лани на 26 август исто така во Драч. На него, освен еврокомесарот Хан присуствуваше и потпретседателот на Светската банка за Европа и Азија Сирил Милер.