„Шарена револуција“: Демократија, слобода, правда и мир е забрането во Македонија

Првата станица на денешниот протест на „Шарената револуција“ беше владата на Република Македонија. Со помош на џиновскиот чатал, беше обоен објектот, а потоа дел од демонстрантите ја боеја и оградата.

Демонстрантите потоа движејќи се кон Собранието повторно го обоија Министерството за правда и поранешната народна канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов.

Активистката Михаела Ивановска рече дека една од причините поради која протестира е приведувањето на нивниот другар Џовани и затоа секој ден ќе бидат на улица.

– Слободна мисла, демократија, слобода, правда и мир е забрането во Македонија. Не можат да ја уништат „Шарената револуција“, таа живее во нас и само ќе расте и ќе се засилува секој ден до конечното ослободување на нашата држава – рече Иванова.

По говорот таа ја цитираше песната „Молитва“ од Блаже Конески.

Претседателот на комисијата за транспорт и врски на СДСМ, Благој Бочварски порача дека ова е крајот на тунелот и дека светлото се гледа.

– Ги повикувам и контра протестантите да ни се приклучат за заедно да ја извојуваме оваа битка до крај. Иванов мора да ја повлече аболицијата за сите 56 луѓе и веднаш да си даде оставка. Доста ни е од овие што ја крадат иднината, мора да си ја вратиме слободата – рече Бочварски.

Откако вчера МВР го приведе возачот, а во комбето беше извршен претрес, денеска во 18 часот препознатливото возило на „Шарената револуција” повторно пристигна пред СЈО. Демонстрантите комбето го пречекаа со овации, а го поздравија и шоферот Џовани.