Само 12 проценти од жените се на менаџерски позиции

Повеќе од 30 проценти од новите фирми во приватниот сектор се отворени од жени, а само 12 проценти од жените се на менаџерски позиции. Но, за развој на женското претприемништво е потребна финансиска поддршка преку државни програми. Жените во Македонија можат да почнат бизнис, но немаат доволно почетен капитал.

Ова беше истакнато на конференцијата „Жени на лидерски позиции: Предизвици и стратегија за нивно надминување“, што се одржа денеска во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија.

– Бизнисот не може да се дели на машки и на женски. Меѓутоа сите стереотипи, грижата за семејството, грижата за децата сето тоа ни прави родово неизбалансирано општество за да може жените да прават развој во бизнисот – изјави претседателката на Здружение на бизнис-жени, Валентина Дисоска.

Таа додава дека менаџерските позиции на жените се во државните институции, а во приватниот сектор недостигаат жени на управувачки позиции, а уште помалку имаме жени на раководни позиции во поголемите компании.