Утре напладне во Скопје мирен собир за солидарност со бегалците

Утре во 12 часот, на плоштадот Македонија, ќе се одржи мирен собир за солидарност со бегалците. Настанот, кој е креиран на социјалната мрежа „Фејсбук“, го организира левичарското движење „Солидарност“.

„Ние, македонските граѓани и прогресивни сили, ќе излеземе на 12 септември, Европски ден за акција, во солидарност со бегалците и сите што бегаат од различни форми на терор и на насилство, војна, окупација и експлоатација. Ги повикуваме сите прогресивни граѓани на мировен собир да ни се придружат и да повикаме против соучество на нашите влади во свет во кој границите стануваат ѕидови, во кој расте милитаризмот и нееднаквоста, во кој разликите меѓу етникуми, националности, бегалци и мигранти како категории нè расчовечуваат, во кои бегството од насилство, експлоатација и од војна претставува криминал, против свет во кој ни продаваат лажен сон дека обезбедени граници значи обезбеден живот“, пишува во поканата.

11986920_1221675941191574_5124360353496105535_n