Олег Николаевиќ Шчербак: Охрид е непроценлива духовна ризница на Македонија

Охрид претставува непроценлива духовна ризница на Македонија, која ги негува сеќавањата на големите христијански придвижници. Токму тука во Охрид, живееше и ја вршеше својата просветителска дејност ученик на Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, рече амбасадорот на Руската Федерација, Олег Николаевиќ Шчербак, на чинот на отворањето на почесниот конзулат во Охрид.

За него тоа претставува значајна етапа во руско-македонските односи, иако уште од 2002 година веќе постои слична институција во Битола, која е историски наследник на рускиот императорски конзулат, основан во истиот град во 1860 година.

– Нам многу ни е драго што отворањето на новиот Почесен конзулат на Руската Федерација во Охрид се одржува во време на многу значајни настани, кои повеќе векови духовно ги обединуваат Македонија, Русија и сите други словенски народи. Богатото искуство на императорскиот конзулат и неговата успешна творечка дејност, благотворно влијаеја врз зацврстување на односите меѓу нашите две земји и претставуваа битен аргумент за отворање на Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид. Охрид идеално му одговара на такво претставништво. Градот не е само туристичка престолнина на Македонија, туку и регион кој е многу перспективен за развој на трговско – економска, научна и хуманитарна соработка- додаде Шчербак.

За почесен конзул на Руската федерација во Македонија, назначен е д-р Велимир Стојковски, ректор на УКИМ.