„24 декември“ во парламентот на Јужна Африка

Седницата на парламентот на Јужна Африка вчера се претворила во вистински хаос кога левичарската опозиција го прекинала говорот на претседателот Џејкоб Зумa, по што претседателката на парламентот ја повикала полицијата да интервенира и ги исфрлила пратениците од редовите на партијата ЕФФ (Борци за економска слобода) од салата, пренесуваат светските медиуми.

Дваесет и петте партеници на радикалниот популистички водач Џулиус Малеме претходно предупредиле дека нeмa да дозволат претседателот да го одржи својот годишен говор за состојбата на земјата додека не одговори на прашањата во врска со скандалот за прескапото реновирање на неговата лична резиденција со пари на даночните обврзници.

Членовите на партијата говореле еден по друг и барале претседателот да се изјасни по нивните барања, но тој молчел.

По ова, претседателката на парламентот го повикала обезбедувањето и побарала опозициските пратеници да бидат исфрлени од салата, што било и направено со размена на тупаници со дел од пратениците.

Во салата останале пратениците на водечката опозициска партија, Демократска алијанса, кои ја осудиле интервенцијата на полицијата во парламентот и, како знак на протест, потоа ја напуштиле салата.

Минатата година независна комисија утврдила дека претседателот на Јужна Африка, Џејкоб Зумa, остварил корист од реновирањето на резиденцијата во селото Нкандла кое чинело околу 19 милиони евра и побарала да врати дел од парите.

Опозициската ЕФФ е радикална левица која се залага за национализација на рудниците и за експропријација на големите поседите на белците, без никаков надомест.