Жена загина во сообраќајна несреќа на влезот во Штип

Во сообраќајна несреќа на влезот во Штип загина 65-годишна жена од селото Тераници, општина Чешиново – Облешево. Жената се превезувала со синот во возило „опел тигра“, кога во него удрил „џип чироки“, со бугарски регистарски таблички, сопственост на возач од Пехчево.

„Несреќата се случила вчера попладне во 16.40 часот кај селото Чардаклија. Од ударот „опелот“ се запалил, но пламенот набргу бил изгаснат. Жената сè уште покажувала знаци на живот кога дошла екипата на итната медицинска помош од Штип. Веднаш била пренесена во Клиничката болница, каде набргу починала“, соопштија од СВР Штип.

Во болницата се примени уште три други лица, кои се превезувале во џипот, а кои поминале со полесни повреди.

Од штипската полиција не можат да кажат која е причината за сообраќајката. Истрагата, која ја води Основното јавно обвинителство треба да утврди како дошло до фаталната несреќа. Местото на несреќата е една од таканаречените црни сообраќајни точки.

По врнежите од снег во изминатите три дена, во Југоисточна Македонија во сообраќајни несречи животот го загубија три лица, а повеќе од десет се повредени.