Земјоделците од Битолско незадоволни, бараат спас во странство

Етничките Албанци од селата долж македонско-грчката граница кај граничниот премин Меџитлија масовно се иселуваат во западно-европските земји, тврдат нивни сожители.

Жителите на селата Граешница, Лажец, Острец и Кишава, кои во најголем број се занимаваат со земјоделство и со сточарство, ѝ укажаа на Татјана Прентовиќ, претседателката на комисијата за земјоделие на СДСМ, дека се подготвени во секој момент да заминат во странство, незадоволни од аграрната политика на актуелната власт.

– Авион сега да слета и да нè собере, ниту еден нема да остане по селата. Ќе ја оставиме и стоката и нивите и сите ќе заминеме. Едвај преживуваме од земјоделството. Субвенциите ги делат по мене по тебе, а потоа со казни и со извршители ни земаат трипати повеќе – се жали Африм Теловски, земјоделец од селото Граешница, Битолско.

Два дена Прентовиќ е во битолско-демирхисарскиот регион, за да ги види на терен проблемите на земјоделците, кои, според неа, во најголем дел исплашени и сиромашни се незадоволни од актуелните состојби.

– Селективната распределба на субвенциите е стара песна, а голема приказна за акуелната власт. Потребни се големи промени во земјоделскиот сектор, ние имаме програма за тоа – им вети Прентовиќ.