Бегалската криза станува клучна за македонската разврска

Дали Договорот од Пржино и понатаму останува столб за излез од политичката криза или неговата суштинска улога е фрлена под тепих за сметка на кризата со мигрантите, околу која доскорешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, веќе направил некаков договор со Европската унија? Дали тоа нему треба да му донесе уште еден мандат на функцијата премиер, а на ЕУ маневарски простор за менаџирање на бегалскиот бран, кој се очекува напролет да се интензивира?

Серијата изјави на странски и на домашни политичари и пишувања на медиуми како да даваат основа за ваквата теза.

Универзитетскиот професор Стево Пендаровски за „Мета“ вели дека не може да тврди дека таков договор има, но набројува неколку индикатори кои, според него, наведуваат на заклучокот дека таквата теза најверојанто е точна.

– Прво што ме наведе на таква помисла беше изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, по пропаднатите преговори во Пржино на 15 декември. Тој излегува по полноќ, по преговори во кои е посредник и на кои не е постигнат договор за датум на изборите прифатлив за двете страни и во вториот пасус почнува да зборува за турбулетноста на бегалската криза и за предизивиците што претстојат во врска со неа. Доста симптоматично. Во последно време гледам дека и странците што се во земјата и помагаат околу преговорите сè почесто ја споменуваат стабилноста на државата, односно дека ни е потребна стабилна власт и затоа, велат, дека изборите треба да се направат што побргу. Она што е, исто така, симптоматично е што владата воопшто не го споменува прашањето со мигрантите. Во сите земји од Европа, од Шведска до Грција, се водат жестоки дебати околи бегалците, странски угледни весници пишуваат за ескалирање на бегалскиот бран, за правење кампови. Се пишува за Македонија дека поради некооперативноста на Грција околу мигрантската криза, можно е да стане последната јужна граница на ЕУ, за подигнување на кампови за илјадници бегалци. Кај нас властите тие прашања не ги чепнуваат и за нив не се води никаква дебата. Не ги демантираа ниту како шпекулации наводите за подигнување кампови. Никој не излегол кај нас да каже какви се плановите на владата за бегалската криза, колку бегалци можеме да прифатиме, колку тоа ќе нè чини, дали треба да бараме финансиска помош од ЕУ, што ни е потребно. За сето тоа се молчи и, од друга страна, тоа ги подгрева сомнежите дека можно е веќе да има некаков договор – вели Пендаровски.

На идентична линија е и аналитичарот и активист за човекови права и слободи, Суад Мисини, според кој „дефинитвно постои некаков начелен договор“.

– Не знаеме каков е тој договор, но веројатно го опфаќа делот околу менаџирањето на кризата и прифаќањето на бегалците во димензии поголеми од она што го видовме досега. Тоа ни е јасно и од однесувањето на еврокомесарот Јоханес Хан и на други офцијални лица од Европската унија, особено во делот на имплицитно инсистрирање изборите да се одржат на 24 април, со што во извесна смисла им се дава предност на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски – вели Мисини за „Мета“.

Еве што во врска со ова прашање изминатите неколку недели рекоа:

Јоханес Хан, по завршувањето на преговорите во Пржино на 15 јануари

„Земјата е во многу сериозна стратешка ситуација. Не треба да заборавиме дека покрај сите дискусии и прашања за изборите постои и многу сериозна мигрантска криза во Европа. Она што го видовме во 2015 година, сигурно ќе продолжи и во 2016 година. Ако се повикам на дискусиите што се водат во повеќето земји на ЕУ, постојат зголемени тенденции за затворање на границите што би можело да има ефект овде во земјата (Македонија н.з.), поради што верувам дека владата, целата политичка елита, Собранието треба да го посветат потребното внимание кон оваа многу сериозна ситуација. Исто така и на економската ситуација, на европската и евро-атлантската перспектива за што е важно да има силна и одлучна влада која може да носи одлуки. Но, денеска разбрав дека не е можно да се постигне договор меѓу сите политички партии изборите да се одржат на 24 април, како што е договорено во Договорот од јуни и јули.“

Зоран Заев, лидер на СДСМ

„Стабилна Република Македонија, знаат веќе и малите деца,  може да се случи само со СДСМ и со промена на оваа власт, која мора да замине во заборав. Инкриминирана до тој степен власт не може да гарантира никому стабилност, дури ни на своите членови од ВМРО-ДПМНЕ, а не на добро упатената меѓународна заедница. Така што, апсолутно сето она што Македонија треба во рамките на своите капацитети, на своите можности во координација со ЕУ да го постигне, грижејќи се, секако, за фактот на солидарност кон сите овие бегалци што се овде, кои транзитираат низ Република Македонија и, да бидам уште поконкретен, секое семејство во Македонија, да прими по 10 бегалци не е решеније за кризата, а не да отвараат кампови или слично во Република Македонија. Овие луѓе само ако гледаат телевизија „Сител“, може да останат во Македонија, овие луѓе транзитираат низ Македонија.“

Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија

„Западен Балкан е дел од Европа и треба да ѝ се приклучи на Европската унија. Затоа, ЕУ и земјите-членки треба да помогнат во оваа транзиција. ЕУ и Комисијата активно ѝ помагаат на Македонија да ја придвижи напред својата реформска агенда по настаните од 24 декември 2012 година, а особено по продолжената политичка криза минатата година, за со посредништво да се обнови политичкиот дијалог во земјата. За сите вклучени во овој процес, ова е тешка задача. Затоа, обидите за избегнување на суштината на прашањата со напад на тие што се вклучени во овој процес, не се од помош за самиот процес. Она што навистина е важно е суштината на реформите за кои се обврзаа сите партии.“

Ерван Фуере, поранешен амбасадор на Европската унија во земјава

„Постојат индикации дека има договор меѓу Европската комисија и Владата, во кој е вклучена обврската за зголемени напори во справувањето со протекот на мигранти, како и потези за решавање на спорот за името со Грција во замена за поддршката на ЕУ за изборите во април.“

Никола Попоски, министер за надворешни работи на Македонија

„Херметичкото затворање на границата со Грција е второто најлошо сценарио за справување со мигрантската криза. Најдобрата варијанта, сепак, е намалување на протекот на мигратите низ Турција и нивна поефикасна регистрација во Грција, заедно со враќањето на тие што не ги исполнуваат условите за азил. Соработката на Македонија и на Грција се подобрува во споредба со минатото лето, а, исто така, се подобрува и комуникацијата меѓу грчката и македонската полиција, како и комуникацијата на министерско ниво. Но, проблемот е што грчкото мерило за успех е тоа колку мигранти ја напуштиле грчката територија. Нашиот успех се мери во неколку нелегални преминувања на наша територија. Немаме исти цели. За нас најголем страв е дека ако северните граници се затворат и притоа имаме 6.000-7.000 лица кои влегуваат секој ден, како што имавме во текот на минатата година, тоа значи 70.000 во десет дена, што значи во следните два месеци тоа ќе биде 20 отсто од населението, а тоа е драматична ситуација.“

Михаил Рот, државен министер во германското МНР

„Треба соработка помеѓу сите земји-членки во справувањето со бегалците. Македонија ѝ треба на ЕУ и ЕУ ѝ треба на Македонија, особено во овој период. Потребна е стабилизација на земјите низ кои се транзитни, како Македонија и Србија, за да можеме заеднички да се избориме со предизвикот.“

Бохуслав Соботка, премиер на Чешката Република

„Ако притисокот на миграцијата не може да го контролира Турција во соработка со Грција, некое решение може да биде и договор со Бугарија, Македонија и со Албанија, да им се даде максимална помош и да се почне со регулирање на миграцијата на нивните граници.“

Евангелос Венизелос, поранешен лидер на ПАСОК и шеф на грчката дипломатија

„Постои опасност ние да останеме заглавени, а вистинската европска граница да стане БЈРМ. Во опасност сме да се најдеме со илјадници луѓе, бегалци и мигранти без документи, кои не можеме да ги контролираме и ние, како држава, немаме јасни приоритети и цели.“

Анализа на грчкиот весник „Катимерини“

„Во клучните европски одлучувачки центри веќе се почнати „тивки“ разговори за наоѓање формула, која ќе ги заобиколи инсистирањата на Атина за одложување на датум за почеток на пристапни преговори за Скопје, колку грчката страна и да инсистира дека тоа не може да се случи, па дури и да се најде начин да се заобиколи одлуката од Букурешт за прием во НАТО со привремената референца БЈРМ.“