Можни се излевања на реките, сообраќајот на неколку правци е отежнат

Поради свлечиште на патниот правец Кичево – Битола кај село Белица, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а екипите на ЈП „Македонија пат“ со механизација работат на расчистување и нормализација на сообраќајот, информираат од АМСМ.

Од таму додаваат дека, сообраќајот на патниот правец Кичево – Охрид, помеѓу селата Подвис и Попоец се одвива по една коловозна лента, поради вода на патот.

Од УХМР информираат дека, водостоите се особено зголемени во горниот дел на Вардар и нејзините притоки во Полошко, горниот дел на Треска и нејзините притоки, Радика и нејзините притоки, Црн Дрим и притоките, Сатеска и притоките, Голема река, Брајчинска и останатите реки во Преспанско.

Поради високите водостои на водотеците, можна е појава на локални излевања кај реките во северозападните и западните делови и појава на заезерени површини во рамниците.

И во Скопје, водостојот на хидролошките станици е релативно високо, но под граница на излевање од малото корито, сепак поради стеснувањето во делот каде се гради мостот од панорамското тркало, можно е да се јават локални излевања. УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците.