ВМРО-ДПМНЕ: Менувањето на даночната политика ќе значи осиромашување на државата

„ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните се сериозно загрижени од последните најави дека СДС има намера да ја менува даночната политика во Република Македонија. Менувањето на даночната политика, воведување на таканаречениот прогресивен данок и напуштањето на таканаречениот рамен данок, сериозно ќе значи осиромашување на нашата држава, но и граѓаните“, соопшти денеска Христијан Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Зголемувањето на даноците кое го планира СДС ќе удри директно по џебот на граѓаните и ќе значи уништување на стопанството и на економијата. Со менување на даночната политика, односно со зголемувањето на даноците никој нема да добие ништо, а најмалку граѓаните и државата – рече Мицковски.

Тој истакна дека според досегашното искуство на ВМРО-ДПМНЕ, зголемувањето на даноците и на придонесите за пензиско и за здравствено осигурување ќе ја направи Македонија помалку атрактивна за инвестирање, отворање нови работни места, а истовремено ќе придонесе за отпуштање работници.

– Овие антиреформи на СДС ќе ја тргнат Република Македонија од мапата на инвеститорите во светот и ќе ја спуштат длабоко на листата „Дуинг-бизнис“ како неатрактивна земја за инвестирање, каде што како еден од најголемите аргументи, а и предности досега го имавме рамниот данок – рече Мицковски и истакна дека очекуваат СДСМ да ги преиспита своите политики и да почне со реализација на ветените проекти.