Винарницата „Стоби“ со четири златни медали на најстариот вински натпревар во светот

Четири сортни вина на македонската винарска визба „Стоби“ добија златни медали на најстариот вински натпревар во светот „Вино Љубљана“, кој се одржа на крајот на мај во главниот град на Словенија. Овој престижен настан е рангиран меѓу десетте елитни вински случувања, а годинава беа оценувани 358 вина од 21 држава, меѓу кои и Јапонија, Уругвај, Нов Зеланд, Аргентина, како и Македонија.

Одлуката за тоа кои ќе бидат наградени, ја донесоа 40 критичари од 11 земји, а на „Стоби“ му припаднаа четири први места за „кабарне совињон 2012“, „сирах 2011“, „вранец веритас 2012“ и за „аминта 2013“. Македонската винарска визба и минатата година беше дел од „Вино Љубљана“, кога „шардоне барик 2013“ беше прогласено за севкупен шампион во категоријата бели суви вина.

Позитивните критики за македонските вина кои доаѓаат од Америка, каде „Стоби“ извесен период е присутен на пазарот. Престижниот весник „Волстрит џурнал“ пред околу еден месец ја рангираше македонската „жилавка“ меѓу најдобрите пет пролетни вина во светот, додека реномираниот „Вашингтон пост“ го препорача „вранец 2012“.

Винарската визба „Стоби“ е основана во 2008 година и годишно произведува околу 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино, распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Најголемиот дел од виното се пласира на странските пазари, меѓу кои и во САД.