Убиен најопасниот австралиски оперативец на ИД

Најопасниот австралиски оперативец на милитантната група Исламска држава, Нил Пракаш, познат како Калед ал Камбоди, е убиен при американските воздушни напади во Ирак, соопштија австралиските власти.

– И Вашингтон го потврди погубувањето на Пракаш, кој е убиен во ирачкиот град Мосул на 29 април – истакна австралискиот обвинител Џорџ Брандис.

Дваесет и четиригодишниот Пракаш, државјанин на Австралија, со потекло од Фиџи, од будизам преминал во ислам во 2012 година, а една година подоцна заминал за Сирија.

Поранешниот рапер од Мелбурн, кој се појави во неколку видеоснимки на Исламска држава за регрутација, е поврзан со неколку планови за терористички акции во Австралија и се залага за напади во САД.

– Пракаш беше најопасниот државјанин на Австралија, поврзан со џихадистите – рече Брандис.