ЦРМ: Се одолжуваат судските постапки за клевета против новинарите

Во вториот квартал од 2015 година (април – јуни), Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) следел 28 судски предмети на 52 рочишта.

Од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и за клевета, во ноември 2012 година досега, завршени се 54 случаи за навреда и за клевета против новинари, но поголемиот дел од пресудите сè уште не се правосилни, односно во тек е жалбена постапка пред Апелацискиот суд.

– Дел од причините за развлекувањето на судските случаи, најверојатно, лежи во фактот дека овие случаи ги водат само тројца судии, кои истовремено постапуваат и по други предмети. Истовремено, од неофицијални извори блиски на судот, ЦРМ дознава дека бавноста во подготвувањето на пресудите веројатно се должи и на фактот дека во судот се вработуваат лица по партиска линија, кои не се стручни и компетентни да ги извршуваат доделените работни задачи – се вели во дописот на ЦРМ до медиумите.