ТИ: Македонија на најниското место откако постои Индексот за перцепција на корупцијата

Македонија е рангирана на 107. место на Индексот за перцепција на корупцијата за 2017 година на Транспаренси Интернешенл (ТИ), што е пад за 17 места во однос на рангот во 2016 година и е најлошиот резултат за земјава откога се изработува индексот, посочија од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

За падот на Македонија на листата реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, кое порача дека власта на СДСМ ја одбележуваат многу случаи на корупција и криминал и дека и тие случаи и непотизмот придонесуваат за тој пад во последната година, посебно поради тоа што никој не понесува одговорност.

Од СДСМ одговорија дека падот на индексот за перцепција на корупција „е резултат на 10 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ и дека на граѓаните им е совршено јасно кој работеше криминално коруптивно“. Владејачката партија вели дека работите се менуваат, „а резултатите од тоа очекувано е да се рефлектираат за состојбите во 2018 година“.