Терорист со камион повреди петмина во Канада

Пет луѓе се повредени од 30-годишник кој вчеравечер во канадскиот град Едмонтон првин со нож избодел полицаец, а потоа со изнајмен камион од фирмата „У хаул“ удрил пешаци додека бегал од полицијата. Откако ги повредил луѓето, камионот се превртел и напаѓачот е уапсен.

Според канадските медиуми, во кабината било пронајдено знаме на терористичката мрежа Исламска држава. Полицијата го испрашува уапсениот, а според досегашните информации, дејствувал сам.

Инцидентот се случил пред стадионот „Комонвелт“, околу 20 часот по локално време вчера. Првин камионот со голема брзина удрил во барикада на сообраќајната полиција, по што еден полицаец летнал неколку метри. Потоа возачот излегол и неколкупати со нож го избодел паднатиот полицаец, па избегал со камионот.

По четири часа, полицијата му сигнализирала на камионот да застане на друга барикада, но возачот избегал и почнала полициска потера. Таа завршила така што терористот возејќи удрил четворица пешаци, а потоа камионот се превртел.