ОЈО отвори постапка против осомничениот што запали кафе бар во Прилеп


Прилеп, 5 јануари, 2018 - 13:32 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп отвори постапка по поднесена кривична пријава против 24-годишниот прилепчанец кој на 31 декември, минатата година, предизвика пожар во кафе бар во центарот на градот.

Прилепчанецот се гони за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, бидејќи со подметнувањето на пожарот предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Како што информираат од Обвинителството, осомничениот претходниот ден имал расправија со еден од вработените и со менаџерот на кафе барот „Паб корнер“, кој го напуштил без да го подмири долгот и се заканил дека ќе го запали објектот бидејќи бил навреден.

„Осомничениот купил три шишиња запалива течност и во три часот се вратил во пабот, му се претставил на вработениот хигиеничар и веднаш ја полил течноста и ја запалил. Со ваквото дејствие, осомничениот предизвикал значителна материјална штета и го сторил кривичното дело за кое го гони Основното јавно обвинителство Прилеп“, стои во соопштението од Основното јавно обвинителство.

На барање на обвинителот, Основниот суд во Прилеп на осомничениот му одреди мерка притвор од 30 дена.


Прилепчанец осуден на шест години затвор за силување, по спогодба со обвинителството


Прилеп, 14 октомври, 2016 - 11:45 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп склучило спогодба со А.Ќ., обвинет за сексуална злоупотреба на немоќно лице, да му биде изречена затворска казна од шест години, соопштија денеска од јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека судија на претходна постапка ја прифатил спогодбата и донел пресуда со која на обвинетиот му ја изрекол предложената затворска казна. Според пресудата, осудениот прилепчанец останува во притвор до почетокот на издржување на казната.

„Настанот за кој е изречена пресудата врз основа на спогодба се случи во јули годинава, кога осудениот, злоупотребувајќи го заостанатиот душевен развој на оштетената, извршил обљуба. Тој со неговото возило ја следел оштетената, која се движела пеш, и ѝ понудил да влезе во неговото возило. Откако бил одбиен, обвинетиот насилно ја внел во возилото, ја однел надвор од градот и го сторил кривичното дело. По настанот на сега осуденото лице му беше определена мерка притвор“, стои во соопштението од обвинителството.


Притворен прилепчанец осомничен за дистрибуција на детска порнографија


Прилеп, 12 август, 2016 - 10:44 (META) 

Прилепското Основно јавно обвинителство почнало истрага против 30-годишен жител на градот кој се сомничи за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Според кривична пријава што МВР ја доставило до Обвинителството, осомничениот се товари дека од втората половина на 2012 година од почетокот на август, оваа година, „преку компјутерски систем набавувал за себе и поседувал детска порнографија“.

„Тој на социјалната мрежа ‘Фејсбук’ регистрирал лажен профил, на кој на насловната страна поставил фотографија од девојче од Република Хрватска како наводен корисник и преку тој профил остварувал електронски контакти со деца. Притоа ги намамувал да се фотографираат по долна облека и голи, да ги фотографираат интимните делови од телото и направените фотографии да му ги доставуваат преку електронска комуникација. Фотографиите подоцна ги симнувал и ги складирал во неговите компјутери, каде што складирал и видео-клипови со детска порнографија. Осомничениот во одредени ситуации со децата со кои остварувал контакти преку електронската комуникација барал да остварат и непосредни контакти со намера со истите за одредена парична награда да оствари полови дејствија“, стои во соопштението од Обвинителството.

Судија на претходна постапка, на барање на надлежниот јавен обвинител, на осомничениот прилепчанец му одредил притвор од 30 дена.


Притворен жител на Заполжани, Прилепско, осомничен за силување на две малолетнички


Прилеп, 29 јули, 2016 - 16:31 (META) 

Судија на претходна постапка од Основниот суд во Прилеп му одредил 30 дена притвор на 51-годишен жител на прилепското село Заполжани, осомничен за силување на две малолетни девојчиња во селото, соопшти денеска јавното обвинителство.

„По предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп, судија на претходна постапка од Основниот суд – Прилеп денеска му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на лице осомничено за сторени две кривични дела – полов напад врз дете кое не наполнило 14 години и за силување. Осомничениот, 51-годишен жител на селото Заполжани, се товари дека повеќепати во периодот од 2012 до 2016 година извршил полови дејства врз две малолетни девојчиња во ова село, притоа употребувајќи сила и сериозни закани за да ги спречи да го пријават“, стои во соопштението од обвинителството.


Обвинителството нареди обдукција на телото на починатата родилка во Прилеп


Прилеп, 19 февруари, 2016 - 14:46 (META) 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп, по извршениот увид, наредил обдукција на телото на родилката која ноќеска, неколку часа по породувањето, почина во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Според обвинителството, 20-годишната жена се породила вчера во попладневните часови, а починала ноќеска околу 1.50 часот.

„Во текот на вчерашниот ден, во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп била примена пациентка која во попладневните часови родила здраво дете. По повеќе часови по породувањето, односно денеска околу 1.50 часот, 20-годишната родилка починала. По констатирање на смртта, известен е надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп. Обвинителот изврши увид на местото, при што донесе наредба за обдукција на телото на починатата родилка и наредби за обезбедување доказен материјал. Во насока на расветлување на настанот, во тек е преземање и на други дејства“, стои во соопштението од Обвинителството.