Хотелиерите очекуваат добра сезона, но се плашат од влошување на безбедносната состојба


Охрид/Струга, 19 април, 2017 - 10:16 (META) 

Хотелиерите од Охрид и од Струга, како и малите станоиздавачи се задоволни од продажбата на капацитетите во пресрет на туристичката сезона, но се плашат од евентуално влошување на безбедносната состојба.

Според најавите и склучените аранжамани за претстојната туристичка сезона, сите очекуваат дека ќе биде успешна, но само доколку не дојде до некоја поголема дестабилизација на безбедносната ситуација, со оглед на долготрајноста на политичката криза и неизвесноста од нејзиниот исход.

– Кај нас сè е поврзано со ситуацијата. Минатата година ја имавме бегалската криза, пред тоа Куманово (настаните во Диво Насеље пред две години, н.з.). Очекуваме дека оваа година нема да има никакви инциденти и ќе имаме максимална бројка на гости – вели претседателот на ХОТАМ и главен менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга, Крсте Блажески.

На почетокот на мај се очекуваат првите организирани посети на туристи од Холандија со чартер-летови, со што и официјално ќе биде отворена новата сезона за која најавите се добри.

– Најбројни се Холанѓаните, а потврда за тоа е зголемувањето на чартер-летовите од Амстердам. Покрај Холанѓаните, последните години има зголемување на бројот на гости од Јапонија, Кина и од Јужна Кореа, а најавена е и повисока класа на гости од Иран. Исто така, очекуваме доста гости од Полска, како и зголемување на бројот на туристи од Германија – нагласува Блажески.


Студентите Турци на Универзитетот во Штип загрижени од одлуката на Анкара за дипломите


Штип, 21 јануари, 2017 - 16:06 (META) 

Неизвеснот и загриженост кај турските студенти на Универизитетот „Гоце Делчев“ во Штип предзвика одлуката на властите во Анкара да го укинат договорот со Македонија за меѓусебно признавање на дипломите на сите образовни нивоа. Одлуката е донесена во декември минатата година, а на сила стапува на 11 февруари годинава.

На Универзитетот во Штип има 25 дипломирани турски државјани, а во моментов таму студираат 107 студенти од Турција. Само оваа студиска година на факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ се запишани 30 нови студенти од Турција.

Од Универзитетот засега не сакаат да ја коментираат одлуката на турската влада. Портпаролот Кирил Барбареев кратко изјави дека ќе остават овој актуелен проблем да се решава на повисоко ниво, односно меѓу владите на двете земји.

Во крајно неповолна ситуација особено се турските студенти кои се на крај од своите студии, а кои во Штип имаат поминато дополнително една година само на изучување на македонскиот јазик. Турците на штипскиот универзитет во најголем број доаѓаат да студираат медицински науки, но и на техничките факултети.

Годишно за студии, еден студент од Турција плаќа по 1.000 евра за партиципација, односно 1.500 евра за студиите по медицина.

 


Изборот на нова премиерка на Велика Британија е позитивен сигнал за берзите


Лондон, 13 јули, 2016 - 14:40 (META) 

Светските брзи денеска бележат подем бидејќи изборот на нова премиерка на Велика Британија ја намали неизвесноста по референдумот.

Аналитичарите оценуваат дека расположението на инвеститорите на пазарот се подобрило, бидејќи британската владејачка Конзервативна партија ја избра Тереза Меј за нова лидерка и премиерка.

Се очекува и Централната банка на Велика Британија да ја намали референтната каматна стапка.


Бегалците во Грција тонат во неизвесност


Атина, 10 јули, 2016 - 14:09 (META) 

„Уште колку ќе чекаме и кога ќе можеме да си заминеме од Грција?“ Ова е главното прашање на кое секојдневно бараат одговор бегалците во бегалскиот центар Дијавата во Солун. Поранешна касарна Дијавата сега е дом на околу 1.700 бегалци. Кампот е подобар и почист од Идомени, луѓето се помалубројни, животот е помирен, но сепак на лицата на бегалците се чита неспокој од неизвесноста во која живеат.

Дијавата е камп од отворен тип, бегалците може да излезат, да прошетаат во околните села или во Солун, но мора да се вратат доколку сакаат да го зачуваат својот кревет и шаторот во кампот. Сепак, Дијавата не е хотел, тука зелените шатори од Идомени се само заменети со бели шатори или кревети во пластични контејнери.

Хасан Осман, бегалец од Сирија, во Дијавата е три месеци. Вели нетрпеливи се да си одат, сакаат да се регистрираат и да им биде кажано точно уште колку ќе треба да чекаат во бегалските кампови пред да заминат од Грција.

„Тука постојано ги прашуваме кога ќе можеме да се регистрираме и да си заминеме. Сите само ни велат „чекај, чекај“. Чекаме, но колку? Утре, следната недела, по два месеци? Сакам да ни кажат колку време точно ќе бидеме тука, колку долго“, вели Хасан.

Хасан платил 1.000 евра за да стигне од Сирија до Грција. Поминал два месеци во Идомени, успеал нелегално да премине и во Македонија, но бил откриен од македонската полиција и вратен назад во Грција. Под сенките во Дијавата сонува само за моментот кога ќе стигне во Германија, каде се неговата сопруга и децата. Надежта полека ја губи.

„Нас не може веќе да ни помогне никаков европски договор, ниту луѓето или волонтерите. Само Господ веќе може да им помогне на бегалците тука“, додава разочарано.

Дијавата важи за еден од подобрите бегалски кампови во Грција. Има капацитет за 2.500 лица со 400 шатори и контејнери. Речиси половина од бегалците во кампот се деца, кои имаат часови со наставничка од Сирија за да имаат некаков континуитет во образованието. Инциденти во Дијавата како во камповите на островите нема, единствен голем проблем беше ненадејниот пожар кој пред неколку месеци пеплоса дел од кампот.

На бегалците најмногу им пречи топлото време, некои се жалат на храната, други бараат поголема медицинска помош. Дел од луѓето имаат здравствени проблеми за кои треба посериозна здравствена контрола, има трудници, но и луѓе со сериозни повреди од војната во Сирија и во Ирак. На слабата медицинска помош во кампот се жали бегалец од Ирак, кој едната рака ја изгубил во војната. Вели, сè прави сам со една рака за своите две мали деца.

„Дојдов пред четири месеци. Животот во кампов е многу тежок, нема добра услуга, нечисто е, немаме добра помош, многу е топло во шаторите. Дојдов сам со две деца, едното е тригодишно, другото има пет години и сакаме да одиме во Германија. Мојата сопруга е веќе таму. Немаме доволно помош тука“, вели тој.

Вработените во кампот ги разбираат бегалците и велат ситуацијата е тешка и фрустрирачка. Со бегалскиот живот секој се справува на свој начин, некои седејќи сами, други во дружба, децата во игра. На неколкумина бегалци животот им го разубавуваат неколку врапчиња кои ги чуваат како миленичиња во кутија од картон. Случајно го нашле паднатото гнездо и сега се грижат за нив како за миленици, делејќи ги и храната и убавите и тажните моменти.


Лондон бара поголема автономија заради економска сигурност


Лондон, 28 јуни, 2016 - 12:36 (META) 

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, денеска побара поголема автономија за овој град за да може да ја надмине економската неизвесност по гласањето на референдумот за излегување на Велика Британија од Европска Унија.

Првиот човек на британската претстолнина изјавил дека поголемата автономија е потребна за да се заштити економијата на Лондон од неизвесноста која следува.

– Ни треба поголема автономија заради заштита на компаниите од целиот свет кои работат овде, за да ги заштитиме работните места, богатството и просперитетот – изјави градоначалникот на Лондон.

Британскиот премиер Дејвид Камерон ќе се состане со лидерите на ЕУ во Брисел, првпат по одржувањето на референдумот минатата недела.


Неизвесно исплаќањето на ратата од 7,5 милијарди евра за Грција


Атина, 30 мај, 2016 - 11:12 (META) 

Грчката влада повторно брка време за да го заврши договорот со кредиторите за да си отвори пат за исплаќање на ратата од 7,5 милијарди евра од европскиот кредит за земјата.

Владата на Алексис Ципрас мора неделава да ја заврши „домашната задача“ за измена на неколку закони и амандмани од новиот пакет мерки кои ги бараат европските кредитори, кои забележаа дека претходно изгласаните закони не се во целосна согласност со договорените мерки.

Проблематични се темите како придонесите за пензионерите и непрофитните даноци, за кои сè уште не може да се најде компромис меѓу грчката страна и кредиторите, поради што останува неизвесно дали Грција на време ќе ја добие новата рата од кредитот која и е неопходна за исплаќање на трошоците во јавниот сектор и кон странските кредитори.

Приватизацијата која, исто така, беше отворено прашање меѓу Грција и кредиторите се чини дека е надминато и грчката влада до крајот на овој месец ќе треба да изготви временски план до кога ќе се завршат отворените приватизации на стариот атински аеродром, солунското и атинското пристаниште и грчката железница.

Во грчките медиуми одново се појавуваат шпекулации за можна владина реконструкција веднаш по завршување на договорот со кредиторите.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ги доведе „Македонски железници“ пред колапс


Скопје, 14 мај, 2016 - 16:06 (META) 

„Македонски железници“ се пред колапс. Криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ се на штета на работниците и на фирмите во сопственост на државата, обвини денеска на прес-конференција Благој Бочварски, претседател на комисијата за транспорт и врски во СДСМ.

– Работниците се во неизвесност, не знаат дали ќе останат на работа, стравуваат дека може да останат без плати од наредниот месец. По цели 10 години раководење со „Македонски железници“, раководството од ВМРО-ДПМНЕ се жали на претрпени загуби од 1,5 милион евра. Раководството не се жалеше на загуби кога организирано носеше партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ од цела Македонија на контрапротестот во Скопје. „Македонски железници“ немаше да бидат пред колапс да се работеше одговорно, домаќински и да се реализираа проекти за развој – вели Бочварски.

Тој додава дека пругата Битола – Кременица требаше да биде готова во 2015 година. Тоа не се реализираше, па потоа ВМРО-ДПМНЕ ја најави за март 2016 година, па за 2017 година.

– Пругата не само што не е завршена, напротив, таа е во почетна фаза на реализација и не е функционална. Доколку беше готова оваа пруга, ќе беше алтернатива на делницата на коридорот 10 и немаше да има загуби. Но, за власта на ВМРО-ДПМНЕ поважни беа проекти од типот на панорамски тркала и палми во Вардар. Дополнително, ја нема пругата кон Бугарија ниту кон Албанија – смета Бочварски.

Тој вели дека завршува времето на тендер-политиките и на бизнис-интересите на владејачката партија.


Политичката неизвесност ги одложува бизнисите и ги активира отказите


Скопје, 3 февруари, 2016 - 15:23 (META) 

Политичката неизвесност влијае врз работата на компаниите, така што некои од планираните активности тие ги одложуваат. Вистинските ефекти по бизнисот ќе се знаат по завршувањето на првото тримесечје од годинава.

– Политичката неизвесност има влијание врз работата на бизнисите. Имаме најави од одредени наши членки дека планираните инвестиции ќе се одложат за периодот по изборите и по стабилизација на политичката клима во земјата. Најдобра слика за негативното влијание ќе добиеме по првото тримесечје, по кое веќе ќе можеме да зборуваме за одреден тренд – велат од Стопанска комора на Северозападна Македнија.

Оттаму немаат конкретни информации дали постои финансиска недисциплина, односно меѓусебни неплаќања и неисполнување на договорите кои се карактеристични за вакви периоди. Според нив, во вакви периоди на криза може да се очекуваат различни сценарија.

Според информациите од Конфедерацијата на работодавци, некои работодавци веќе им се заканувале на вработените дека доколку оваа криза потрае, ќе им бидат намалени платите, а ќе има и откази.

– Во разговорите со стопанствениците, тие се жалат. Секако дека чекаат да поминат овие нестабилни и турбулентни времиња, односно политичка разврска за да продолжат со своите активности. И самите вработени се жалат дека газдите им се закануваат со откази и со намалување на платите доколку целата оваа неизвесност потрае –изјави Миле Бошков од Конфедерецијата на работодавци.


Година на неизвесност и на несигурен извоз за македонските компании


Скопје, 2 јануари, 2016 - 12:02 (META) 

Годината што почнува, за македонските компании носи неизвесност и несигурност на извозот на производите на странските пазари. За домашниот пазар, велат дека се губи куповната моќ на населението, а за странскиот големо влијание имаат глобалните случувања, како забавување на порастот на кинеската економија и европското ембарго кон Русија.

Претседателот на Здружението на металургија при Стопанска комора, Митко Кочовски, вели дека металуршките компании веќе подолго време работат на минимум и не се рентабилни. Извозот за следната година е неизвесен поради случувањата на глобалните пазари.

– Забавување на економската активноста на Кина, продолжување на ембаргото кон рускиот пазар, одобрувањето кредити се во прашање и сето ова негативно влијае врз намалување на производството. Помалото производство значи намалување на извозната и на увозната активност – вели Кочовски.

Во овој период текстилните компании работат со полна пареа, а како ќе биде за следната година, претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска, вели дека неблагодрано е да се каже. Порачките се од месец за месец, а сè зависи и од економската и од политичката состојба на државите каде што извезуваат. Перковска додава дека добро е што Европа се врти повторно кон земјите од Балканот како доставувачи.

– Можеме да се надеваме само извозните компании да работат добро, бидејќи тие што се ориентирани кон домашниот пазар, немаат добри изгледи бидејќи куповната моќ е многу слаба. Во моментот има нарачки до март, а не се знае што ќе биде по тоа кога е одлучувачки период. Текстилната е сезонска работа и периодот кога има нарачки не е доволен за да го покрие периодот кога компаниите немаат работа – вели Перковска.

Марта Наумовска Грнарова од „Завар дизајн“, компанија која 85 проценти од производството го извезува, вели дека побарувачката се намалува, а конкуренцијата се зголемува, па оттука и условите за работа нема да бидат полесни.

– Нема причини зошто да биде подобро. Околностите за работа нема да бидат полесни, но колку побргу ќе сфатиме, ќе реагираме и ќе се прилагодиме, ќе бидеме подготвени за да се носиме со конкуренцијата – вели Наумовска Грнарова.

Според неа, инвестиции во производство, нови технологии, кадар, додадена вредност на производот е она што нè прави конкурентни надвор.