Оспорен изборот на новиот состав на Македонскиот национален совет во Србија


Белград, 5 ноември, 2018 - 11:54 (META) 

На вчерашните избори во Србија за националните совети на националните малцинства, во изборите за новиот состав на Македонскиот национален совет апсолутна победа оствари актуелниот претседател на Советот, Борче Величковски, и неговата листа. Беа избрани вкупно 23 члена на МНС, објави овој Совет на својата Фејсбук-страница.

Но, регионалната телевизија Н1 претходно објави дека 17 електори од вкупно 79 верификувани електори за овој совет, го напуштиле гласањето за МНС поради, како што наведуваат, мешање на политиката во изборниот процес.

Стефан Трајковски, еден од електорите, за Н1 изјави дека се решиле на бојкот откако еден од нив не се појавил на гласање бидејќи добил „закани и уцени“.

-Целиот изборен процес е политизиран и ние не сакаме да учествуваме во тоа. Новото раководство не ги застапува интересите на македонското национално малцинство, туку само на партијата што „разведрува и наоблачува“ во Србија, односно Српската напредна партија – рече Трајковски, кој ја повика и македонската влада да не ги признае резултатите на изборите и да не му дава легитимитет на новоизбраното раководство.

Со обвинувања дека Српската напредна партија сака да инсталира свои луѓе во националните совети се огласи и активистката за човекови права Аида Ќоровиќ, која обвини дека „упад“ имало и во изборите на новиот состав на Бошњачкиот национален совет.

Покрај новиот состав на МНС, во Србија вчера се избираа новите членови на уште 21 национален совет на малцинствата. Поголемиот дел од националностите во Србија, односно вкупно 18, членови на новиот совет ги избираа непосредно, а четири – македонското, хрватското, црногорското и руското малцинство – ги избираа членовите на електорски собранија.

Изборите ги спроведе Републичката изборна комисија, која соопшти дека не добила ниту еден приговор или забелешка за изборниот процес, кој беше набљудуван од претставници на ОБСЕ и ЕУ.

Националните совети имаат овластувања од областа на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазиците и писмата на националните малцинства.


Мета: Македонското национално малцинство е богатство за Албанија


Тирана, 5 јануари, 2018 - 21:26 (META) 

Албанскиот претседател Илир Мета, кој денеска престојуваше меѓу Македонците во општина Пустец порача дека македонското малцинство е богатство за Албанија, јави „Илинден“.

Претседателот на државата Беше пречекан од заменик-градоначалник Андон Јани, членовите на Советот на општината Пустец и претставници на МАЕИ, предводени од генералниот секретар Васил Стерјовски.

– Многу е значајно да го негувате вашиот идентитет. Јас сум посветен и понатаму да го промовирам македонското малциство, кое има прекрасни вредности и традиции. Македонското малцинство ќе биде постојано во моето внимание – изјави Мета по средбата.

Според него, поради потешкотиите со кои се соочуваат жителите на оваа општина, посебно невработеноста на младите, треба заедничка ангажираност бидејќи општината е една од оние која располага со најмногу природни богатства и убавини, извести „Илинден“.


Мицкоски: Заев на Бугарија ѝ даде можност да блокира отворање поглавја од преговорите


Скопје, 3 август, 2017 - 16:58 (META) 

Со Договорот за добрососедство Бугарија ќе има можност да го преиспита однесувањето на Македонија на целокупниот пат кон Европската Унија, бидејќи Заев прифати таа да има можност да не дозволи отворање на кое било поглавје од преговорите за членство доколку не се исполнат нејзините цели и позиции, порача денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој додаде дека тоа значи нови проблеми и нови последици за Република Македонија, а како одговорен за тоа го посочи премиерот Зоран Заев.

Тој на прес-конференцијата во седиштето на партијата рече дека во договорот има „срамна формулација за дефинирање на македонскиот јазик“ и нема симетрија на правата и на обврските на двете страни.

– Со договорот не се дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност, а Зоран Заев срамно и недостојно се откажува од грижата за македонското национално малцинство. Договорот предвидува опасна можност за промена на македонските учебници и на другите идентитетски обележја што се дел од нашето историско наследство – нагласи Мицкоски.